НЕКСУС Граѓански концепт спроведе истражување во кое се фокусираше на перцепциите на јавноста за НАТО, генералниот сентимент кон Алијансата и запознаеноста со активности кои таа ги спроведува во државата.
Целта на оваа анкета e да се види „Какво е јавното мислење на граѓаните на Република Северна Македонија во однос една година членство во НАТО Алијансата?“
За потребите на ова истражување, анкетата беше спроведена од страна на М-Проспект – агенција за истражување на јавното мислење, и тоа на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, постари од 18 години, со маргинална грешка од +/- 3% со ниво на доверба од 95%. Опфатени беа сите осум статистички региони, притоа земајќи ја предвид распределеноста по рурални и урбани средини.
Од 1.000 испитаници, 50,3 % беа машки, а 49,7 % женски, од аспект на етничката застапеност 70,8% од испитаниците беа Македонци, 24,1% беа Албанци, а другите етнички групи беа застапени со 5,1 %. Според местото на живеење, руралната популација беше застапена со 38,7%, додека урбаната со 61,3 %.
Оваа анкета е дел од проектот насловен: „Една годинакако сојузник на НАТО: Анкета за јавно мислење“, спроведуван од НЕКСУС Граѓански концепт и поддржанод Одделот за јавна дипломатија на НАТО во Брисел“.
Графикон 1
Дистрибуцијата на одговори покажа дека мнозинството (40,3%) сметаат дека доволно добро ја познаваат, наспроти третина (33,2%) кои кажуваат дека малку ја познаваат. Додека пак, (13,6%) сметаат дека многу добро ја познаваат организацијата. Жените, за разлика од мажите, многу помалку ја познаваат организацијата. 39,2% од жените одговориле дека малку ја познаваат, додека овој одговор го дале 27,2% од мажите.
Етничките Албанци, за разлика од етничките Македонци покажуваат поголемо познавање, односно 27,4% од етничките Албанци одговориле дека многу добро ја познаваат, наспроти 9% од етничките Македонци кои го дале истиот одговор. Се забележува дека оние со повисок степен на образование повеќе истакнуваат дека ја познаваат доволно добро.
Графикон 2
Повеќето испитаници гравитираат кон позитивно мислење за членството во НАТО. Повеќе од половина (50,7% акумулирано Целосно се согласувам и Донекаде се согласувам) сметаат дека е позитивна работа членството во НАТО. Додека пак, (28,9% акумулирани Донекаде не се согласувам и Воопшто не се согласувам), не сметаат дека е позитивна работа за нашата земја. Повеќе од две третини (71,8%) од етничките Албанци се согласуваат дека членството е позитивна работа, наспроти 42,1% од етничките Македонци.
Графикон 3
60,4% од испитаниците целосно или до некаде се согласуваат дека Р.С. Македонија треба да брани друга земја на НАТО доколку биде нападната. Додека пак, 15,9% воопшто не се согласуваат со ова прашање. И овде процентот на согласност е поголема кај Етничките Албанци во однос на Етничките Македонци (46,1% наспроти 26,6%)
Графикон 4
Додека пак, на прашањето „Доколку некоја друга членка треба да ја брани Р.С. Македонија ако биде нападната“, овој процент се зголемува, односно 74.4% од испитаниците целосно или до некаде се согласуваат дека другите земји членки треба да ја бранат нашата држава доколку биде нападната однадвор.
Графикон 5
Мнозинството испитаници (64,5%) целосно или донекаде се согласуваат дека членството во НАТО ја зголемува безбедноста и стабилноста во земјата.
Поизразена согласност на ова прашања изјавуваат етничките Албанци, односно 50,6% целосно се согласуваат, наспроти 28,7% од етничките Македонци кои го дале истиот одговор.
Телевизијата е главен извор за информирање за актуелни случувања во земјата и светот (44,8%). Повеќе од четвртина (28,7%) пак, се информираат преку социјалните медиуми. Весници преку интернет се извор за информирање на 14% од граѓаните кои учествувале во оваа aнкета.