Јирген Клоп е познат како коректен менаџер кој во минатото не бараше оправдувања кога не победуваше во првите години во Премиер лигата, но сега многумина сега не го препознаат.
Притисокот и многуте повреди во Ливерпул го направија своето и Клоп денеска е сосема поинаква личност. За ТВ аналитичарот Крис Сатон, кој е поранешен фудбалер на Блекбурн, Клоп од мотиватор се претвори во плачко.
Сезонава Ливерпул освои 33 бода, додека минатата во ова време имаше 49 бода. Тогаш беа недопирливи, но сега сликата е поинаква, „црвените“ се на делба на лидерската позиција со Манчестер јунајтед кој има и натпревар помалку.
Според Сатон, повредите не смеат да бидат оправдување бидејќи и главниот конкурент Манчестер сити има проблеми со повредите. Но, Клоп сезонава се жали на речиси се и сешто, на термините, на бројот на пенали кои му се досудуваат на Манчестер јунајтед. Германецот тврди дека Солкјер и неговиот тим имаат добиено повеќе пенали за две години отколку тој за пет во Ливерпул.
Од друга страна, менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер вели Клоп се однесува како поранешниот менаџер на Ливерпул, Рафаел Бенитез кој постојано се жалеше на се.
– Но можам да ги бројам пеналите, не сум таков и тоа го оставам на нив. Тоа се нивни факти – изјави Солскјер.
Клоп со поплаките за поинаквиот третман на Манчестер јунајтед кај судиите им се приклучи на менаџерите на Челси и Тотенхем, Френк Лампард и Жозе Мурињо, кои исто така зборуваа дека „црвени ѓаволи“ имаат привилегиран статус кај судиите.
Минатата сезона екипа која доби највеќе пенали беше токму Јунајтед со 22 досудени пенали во нивна корист.