Машката популација има полесен пристап до финансиите. Четириесет и пет отсто од вкупниот број индивидуални кредитокорисници се жени, додека 55 отсто се мажи, а во однос на обемот на кредити само 38 отсто од вкупно одобрените заеми отпаѓаат на жени.
Ова, како што соопшти Народната банка, го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во видеоразговорот за „Еуромани“, со кој започнаа активностите од програмата на големиот Глобален форум на позајмувачи и инвеститори во обврзници, а на кој порача дека поголемата финансиска вклученост воопшто, особено поголемата финансиска вклученост на жените, несомнено може да донесе голем број економски придобивки за целото општество.
– Во однос на пристапот до кредити, жените сочинуваат 45 отсто од вкупниот број индивидуални кредитокорисници, во споредба со 55 отсто мажи, а во однос на обемот на кредити, уште помалку, односно само 38 отсто од вкупните одобрени заеми отпаѓаат на жени. Во однос на динамиката, има подобрување за три процентни поени во последните 10 години, односно учеството на жените во вкупните кредити се зголеми од 35 отсто на 38 отсто. Сепак, податоците укажуваат дека машката популација има полесен пристап до финансиите, рече гувернерката.
Таа наведе дека достапните студии и податоци на глобално ниво, како што е Анкетата на ММФ за финансискиот пристап, укажуваат на релативно широк јаз меѓу половите во пристапот до финансии и дека тоа е сложен феномен што треба да се реши на холистички начин, со политики коишто се вон работата на централните банки, но оти централни банкари може и треба да преземат некои чекори во таа насока.
Во разговорот Ангеловска-Бежоска посочи на два аспекта на коишто треба да бидат фокусирани централните банки во справувањето со јазот на финансиската вклученост на мажите и жените.
– Прво, можеме да создадеме регулаторно окружување што би довело до поголема конкуренција и нови, поевтини и подобри финансиски производи согласно со потребите на клиентите – пример за тоа се финтек-производите. Тие може да обезбедат полесен пристап до финансии и за жените и за другите групи кои традиционално се помалку вклучени во формалниот финансиски систем. Во овој контекст, ние како централна банка сме во завршната фаза од изготвувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи што промовира поголема конкурентност, транспарентност, како и поголема заштита на потрошувачите, што сметаме дека ќе го намали и родовиот јаз во пристапот до финансии. Една од главните предности на оваа нова законска рамка ќе биде воведувањето сметка за плаќање со основни функции, што ќе биде бесплатна за поранливите категории, истакна гувернерката во разговорот.
Таа додаде дека вториот аспект е вложувањето во финансиската едукација, односно дека повисокото ниво на финансиска писменост ќе го олесни и пристапот до финансии на граѓаните. Анкета на ОЕЦД, како што рече гувернерката, јасно покажува дека се потребни дополнителни напори за натамошно зголемување на нивото на финансиска писменост во регионот на ЈЕИ, вклучително и кај нас.
Ангеловска-Бежоска се осврна и на прашања за родовата рамноправност во централните банки и за предизвиците во овој сегмент, коишто на глобално ниво ги донесе пандемијата на КОВИД-19.
Големиот Глобален форум на позајмувачи и инвеститори во обврзници е еден од најзначајните меѓународни настани во организација на „Еуромани“. Разговорот со „Еуромани“ беше посветен на прашања за вклученоста на жените во економските текови, особено во контекст и на предизвиците од актуелната корона-криза.