Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на покана на Регионалниот центар за техничка помош на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одржа предавање на „Форумот за примена на Кодексот за транспарентност на ММФ“, на кој ги сподели позитивните искуства на Народната банка во примената на најновите и највисоките меѓународни стандарди и најдобрите практики за транспарентност и отчетност на централните банки.
На Форумот, како што информираат од Кабинетот на гувернерката, Народната банка беше посочена како пример за земјите од регионот, која меѓу првите зеде учество во пилот-проектот за оцена на транспарентноста во однос на новиот Кодекс за транспарентност на ММФ.
-ММФ во својот Извештај за оцената на транспарентноста заклучува дека Народната банка применува високо ниво на транспарентност, коешто е значително зајакнато во изминативе неколку кризни години, овозможувајќи успешно одржување на макроекономската стабилност,велат оттаму.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, додаваат, истакна дека транспарентноста и отчетноста на централните банки е нагласена по глобалната финансиска криза, а особено во последните неколку години кога се соочивме со неколку последователни кризи. Во такви околности на зголемена економска неизвесност и финансиски стрес, се истакнува потребата централните банки појасно и позачестено да бидат присутни во јавноста со појаснување на економските движења, како и со комуницирање за причините и претпоставките за донесените монетарни одлуки. Народната банка го следи овој тренд, при што уште од 2021 година транспарентноста и отчетот кон јавноста се издвоени како една од целите во Стратегискиот план на Народната банка, за што тимот на централната банка напорно работи градејќи модерна, општествено одговорна и транспарентна институција. Постојаното подобрување на транспарентноста ги зголеми довербата и кредибилитетот на институцијата кај јавноста, што беше заклучено и во Извештајот на ММФ.
-Имајќи ги предвид согледувањата на ММФ, Народната банка во изминатиот период ја зголеми достапноста на податоците за спроведувањето на основните активности, а дополнително ја збогативме и нашата комуникација со јавноста, при што бројот на соопштенијата, преку кои на поедноставен јазик се доставуваат пораките од Народната банка, се зголеми за 25 отсто, а јавните настапи на раководниот тим се зголемија за 40 отсто. Народната банка придонесува и кон подигнувањето на нивото на финансиската писменост преку постојано одржување обуки и други активности, зајакнувајќи ја двонасочната комуникација со граѓаните и институциите, порача гувернерката во своето обраќање.
Притоа таа нагласи дека довербата од јавноста беше клучна за одржувањето стабилни инфлациски очекувања, стабилен курс на денарот и за задржување на макроекономската стабилност во изминатиот период.
-Ова е потврдено и со Анкетата спроведена од Светската банка, според која Народната банка е институција којашто ужива најголема доверба во рамките на домашните институции, посочуваат од Кабинетот на гувернерката.