На покана на Централната банка на Исланд и престижниот американски универзитет „Нортвестерн“, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на конференцијата „Макроекономската стабилност на малите и отворени економии – предизвици и лекции“, којашто се одржа во Рејкјавик, Исланд.
Како што информира Народната банка, Ангеловска-Бежоска беше поканета да го сподели искуството за успешното задржување на стабилноста на девизниот курс во македонската економија.
-Во раната транзиција, како и многу други економии од ЦИЈИЕ, усвоивме стратегија на фиксен девизен курс за справување со хиперинфлацијата, којашто ја применуваме и во моментов. Таа е соодветна на карактеристиките на нашата економија, којашто има висока трговска отвореност (160% од БДП), висока зависност на извозот од увозни компоненти, висока финансиска отвореност (185% од БДП), како и релативно висок степен на евроизација на банкарскиот систем (околу 42 отсто од активата е во евра). Овие карактеристики отвораат можност за висок преносен ефект од девизниот курс врз цените и финансиската стабилност, без позначителни ефекти врз економскиот раст, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката се осврна и на последната криза, и на предизвиците за задржувањето на оваа стратегија. Таа потсети и на притисоците на девизниот пазар коишто беа видливи од почетокот на пандемијата до средината на 2022 година, за кои беа нужни значителни интервенции од страна на централната банка, коишто во одреден момент достигнаа 15 отсто од девизните резерви.
-Активните интервенции на девизниот пазар беа можни благодарение на девизните резерви насобрани пред кризата, покрај поддршката од меѓународните финансиски институции во кризниот период. Насобраните резерви ги одразуваат претходните претпазливи макроекономски политики и постепената и соодветно распределена либерализација на капиталната сметка. Затегнатата монетарна политика, користењето сет од макропрудентни мерки првенствено насочени кон зголемувањето на отпорноста на банкарскиот систем, како и мерките преземени за зголемување на транспарентноста и комуникацијата со јавноста, коишто уште повеќе ја зајакнаа довербата во Народната банка, беа од клучно значење за одржувањето на стабилноста на девизниот курс, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката подвлече дека и покрај шоковите од невидени размери, стабилноста на девизниот курс беше задржана, а нивото на девизните резерви во моментов е повисоко за близу 40 отсто во споредба со преткризниот период.
На панел-дискусијата, којашто беше предводена од професорот Харис Делас, од Универзитетот „Сури“ и Институтот „Карл Брунер“, покрај гувернерката, учествуваа и гувернерот на Банката на Словенија и гувернерот на Банката на Естонија. На настанот учествуваа повеќе професори од престижни универзитети.