Депозитите на домаќинствата, од пандемијата досега, се зголемени за 20 проценти. Граѓаните имаат доверено 340 милијарди денари на банките, соопшти гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска по повод Светскиот ден на штедењето.

– Кај штедењето на населението се забележуваат поволни структурни промени, при што учеството на денарските во вкупните депозити на домаќинствата има нагорен тренд и изнесува околу 48 проценти. Растат и долгорочните депозити на домаќинствата и во моментов се на највисокото ниво во последните десетина години. Фактот што депозитите кај банките растат, и покрај мноштвото надворешни шокови, какви што имало само еднаш во изминатите сто години, е потврда за високата доверба којашто ја има населението во банкарскиот систем. Кон тоа придонесува и централната банка којашто постојано се залага за јакнење на неговата отпорност, посочува Ангеловска-Бежоска.

Граѓаните најмногу штедат во банките, со учество на депозитите со 62 проценти во нивната вкупна финансиска актива во 2022 година, но се зголемува и учеството на вложувањата во алтернативните финансиски инструменти.

– Нема сомнение дека штедењето е еден од клучните „мотори“ на економскиот раст, а во земјите во развој е важен двигател на доходовната конвергенција. Колку е повисоко домашното штедење, толку се повисоки и можностите за инвестирање, посочува гувернерката и укажува дека доколку домашното штедење е помало од потребите за инвестирање, тоа ќе наметне потреба да се позајми однадвор, што пак ќе предизвика и зголемување на надворешното задолжување.

Оттаму, додава гувернерката, нашите напори мора да се насочени кон поттикнување на домашното штедење, но и кон негово канализирање преку финансискиот систем.

Ангеловска-Бежоска истакна дека Народната банка и за време на кризниот период ја јакне отпорноста на банкарскиот сектор, преку зголемување на капиталните барања, за првпат и преку воведување противцикличен заштитен слој на капиталот, како и преку првите макропрудентни мерки за квалитетот на кредитната побарувачка.

Од Народната банка посочуваат дека се донесени и важни законски решенија како што се Законот за финансиска стабилност и Законот за решавање банки, со коишто се јакнат механизмите за заштита и кои се во насока на решавање на сериозните проблеми со кои се соочуваат банките, без да се наруши финансиската стабилност.

– Граѓаните имаат висока доверба во банкарскиот сектор, што и не е изненадување, имајќи предвид дека системот во период на повеќе кризи коишто се преклопуваат, сепак е стабилен, високо капитализиран и ликвиден, се наведува во соопштението од Народната банка.