Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска упати силен апел до граѓаните да пријават какво било сомнително однесување на лица, поврзано со пожарите, откако биле откриени докази за намерно подметнати огнови на повеќе локации во земјава.

„Доколку забележите лице со сомнително однесување, веднаш пријавете на бројот 112 или во најблиската полициска станица“, изјави Ангелов на прес-конференција во Владата.

Во моментов, според податоците, во земјава има пет активни пожари, додека уште пет се ставени под контрола. Во изминатото деноноќие, биле изгаснати 66 пожари на отворен простор.

Ангелов информираше дека на терен се забележани дрвени палети полиени со бензин, гуми и шишиња со запаливи течности, што укажува на обиди за подметнување на пожари.

„Синоќа кај Смилковско Езеро беше пронајдена гума, а во друг случај лица со шишиња со бензин се обиделе да подметнат пожар“, рече Ангелов.

На локации со зголемен ризик се спроведуваат засилени полициски патроли, вклучувајќи и цивилни служби. Според Ангелов, благодарение на овие мерки, бројот на пожари денес е значително помал и покрај сличните временски услови како вчера.

Дополнително, објавен е јавниот оглас за ангажирање на 400 невработени лица, од кои 80 во Скопје, за активности поврзани со превенција и заштита од пожари. Најдобрите кандидати ќе добијат можност за вработување во противпожарните служби и во новиот специјален тим за заштита и спасување.