Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, синоќа присуствуваше на координативниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Берово, предводен од градоначалникот Звонко Пекевски.
На работниот состанок се анализираа извештаите за движењето и интензитетот на пожарот во планината над селото Русиново. Како главни предизвици беа посочени променливиот ветер, остатоците од стари пожари – шупливи дрвја кои при горење паѓаат по стрмнините – како и непристапниот терен, што значително го отежнува гаснењето.
Според соопштението од ДЗС, состанокот траел подолго поради разгледување на повеќе стратегии за утринска интервенција. Се планира комбинирана акција со теренски сили, механизација и ангажман на воздухоплови, чија активност ќе се координира од земја во согласност со конкретните дневни услови.
Ова е дел од континуираните напори за справување со активните пожари во источниот дел на земјата.