Поради градежен зафат направен е насип со којшто е попречено дел од речното корито на Вардар, доаѓа до подигање на нивото на водата која поради производство на електрична енергија се испушта од системот на мавровските електрани, но и од Козјак, Матка 2 и Матка 1, предупреди директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција на мостот во изградба кај хотел „Русија“.
Ангелов изрази загриженост за можно излевање на водата од реката Вардар, на пешачката патека кај самиот мост, меѓутоа потенцира дека не постои сериозна опасност за граѓаните, освен за потенцијалните шетачи коишто не би ја забележале водата. Воедно, тој додаде дека за состојбата се известени надлежните субјекти, компанијата „Гранит“, која има надлежност за изградбата на мостот, како и Општината Аеродром, МВР и Дирекцијата за заштита и спасување.
– За граѓаните да имаат појасна претстава, некаде од 8 часот наутро, па некаде до 24 часот се произведува електрична енергија поради што имаме зголемен доток на вода во Вардар од овие две локации – дел од водите на Мавровското Езеро и дел од водите на браната Козјак, која што преку Матка 2 и Матка 1 се влева во Треска, а потоа доаѓа во Вардар. Но, водата која што притоа се испушта е еквивалентна на водата која што влегува во овие езера, бидејќи знаете дека езерата се блиску до биолошкиот минимум поради што не се испушта повеќе вода отколку што влегува, изјави Ангелов.
Тој појасни дека потенцијален проблем може да настане доколку се појават силни врнежи или нагло топење на паднатиот снег од повисоките места.
– Во случај, доколку дојде до засилено врнење на дожд или нагло топење на снег ние како ЦУК ќе побараме од Електрани на Северна Македонија да ја сопрат водата која што истекува од Мавровското Езеро и од останатите езера кон реката Вардар, но граѓаните треба да знаат дека водата во просек патува околу тир часа, тоа значи дека и по собирањето на водата на неа и требаат три часа да дојде до ова место каде што ние стоиме. Приближно тир часа. Второто сценарио, доколку имаме силни врнежи од дожд или нагло топење на поголеми количества на снег, е компанијата целосно да го отстрани овој насип којшто го попречува речното корито, но за тоа ќе и биде потребно повеќе од еден ден, истакна тој.
Според Ангелов, не постои опасност од излевање на реката Вардар до околните згради во Општина Аеродром, туку само опасност од „заезерување“ на овој дел од речното корито, кое како што вели, може да поплави само мал дел од десетици евентуално стотина метри од кејот на Вардар и да предизвика евентуално оштетувања на велосипедската и на патеката за пешачење и трчање на кејот на реката Вардар, но не и друга посериозна штета.