Нема потреба од прогласување на кризна состојба, вели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Тој додава дека утрово одржале состанок, после издадената наредба на претседателот Стево Пендаровски за мобилизација на армијата.
Ангелов тврди дека добро и согласно законот функционираат и меѓународните канали за помош, без да има потреба да се прогласи кризна состојба.
-Одредени центри на моќ пренесуваа дезинформации дека пожарот од пред пет дена кај Кочани не бил изгасен и повторно се разгорел. Не е точно, ова е нов пожар, кој најверојатно е поради спој на жици од далновод. Споро се ширел и бил под контрола, но ненадејниот јак ветер и сувата вегетација придонел да се рашири пожарот во различни правци. Од градоначалникот ми беше побаран хеликоптер, но тој се наоѓаше во Старо Нагоричане, каде беа загрозени повеќе куќи и тоа на терен што е тешко пристапен за цистерните. Додека, пак, пожарот кај Кочани можеше да се контролира по земјен пат, кажа Ангелов, според кого државата има ограничени ресурси, како со претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, но и со СДСМ, а веројатно така и ќе биде во иднина.
Тој објасни дека на температури повисоки од 37 степени, не е безбедно летањето на хеликоптерот и не смее да се жртвуваат пилотите.
-Нивните животи нема да успееме да ги вратиме, а шумата повторно ќе израсне. Еден од хеликоптерите прегреа вчера и мораше да се крене на 2000 метри да се излади, за да се врати во базата. Не само македонските, туку и српските не можат да летаат на овие пеколни температури. Зарем треба да падне хеликоптер за овој факт да се потврди?, прашува Ангелов.
Тој извести дека побарал веднаш да се пренасочи хеликоптерот од Старо Нагоричане кон Кочани, но тоа било невозможно, бидејќи ќе немал доволно гориво и ќе се изгубело драгоцено време за да се врати и да се наполни, па повторно да доаѓа до Кочани.
Ангелов воедно додава дека армиските хеликоптери можат да летаат ноќе, но не можат да гасат пожари поради недостиг на таква опрема во нив. Воедно порача дека најважно е што нема жртви, а шумата ќе се надокнади. Што се однесува до повиците за оставка, Стојанче Ангелов порача дека доколку се утврди негова одговорност кога ќе се изгаснат пожарите, ќе поднесе оставка и ќе замине од државата.
-Прво да ги изгасиме пожарите. Републиката е во пламен. Прво да ги локализираме, и нека се олади се, па ќе направиме анализа. Јас мислам дека е најважно што спасивме човечки животи. Ако има одговорност кај мене, јас ќе си дадам оставка и ќе си одам од земајва, порача Ангелов.