Tреба да вложиме повеќе енергија за развој на регионална соработка, а истовремено да се искористи влијанието на Владата и другите институции за да дадат придонес кон забрзување на овој процес, кој доцни. За унапредување на регионалната соработка потребни се неколку круцијални реформи кои ќе обезбедат можности за брзо патување, односно брз проток на стоки и луѓе, како и дигитализација, која ќе ги олесни бирократските процедури и иновации. Тоа го истакна претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) Трајан Ангелоски на Скопје – економски и финансиски форум (СЕФФ), што се одржува денеска во Скопје каде говореше на панел дискусија посветена на перспективите кои произлегуваат од регионалната соработка и евроатлантските перспективи.

Ангелески објасни дека економската соработка во регионот почнува по војната на Косово, кога компаниите го стартуваат процесот на отворање на подружници во соседните земји.

Тој потенцираше дека иницијативата „Отворен Балкан“ е важна во процесот на забрзување на регионалната соработка, поради што и треба да добие поддршка.

– „Отворен Балкан“ ги направи видливи предизвиците со кои се соочуваат компаниите кои се обидуваат да делуваат регионално, но истовремено нуди и решенија за нивно надминување и постигнување на економски развој во регионот. Во оваа смисла особено е важно подобрување на инфраструктурата, како што е на пример изградбата на железницата со Бугарија. Исто така потенцираме дека покрај тоа што веќе се воспостави зелен коридор за движење на товарни возила, таква можност треба да има и за движење на луѓе.Овие процеси на промени да добијат забрзана динамика, порача Ангелоски.

Тој, соопшти ССК, истакна и дека за компаниите е многу важно да го зголемат извозот во регионот бидејќи транспортните трошоци се многу пониски, а исто така и производите се препознатливи како брендови многу повеќе на пазарите во соседните земји, во споредба со подалечните пазари.

Покрај Ангелоски во панелот дискутираа претседателите на стопански комори од нашата земја, од регионот и пошироко како и истакнати бизнисмени од нашата земја, кои имаат меѓународно искуство во водење бизнис.