Копретседателот на Заедничката комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Македонија, Ангел Димитров во својата колумна за БГНЕС вели дека само со вистински докази за постоење на политичка волја во Скопје за излез од орбитата на постјугословенизмот и антибугарскиот национализам, може вратата на ЕУ да биде отклучена.
За Димитров спорно е и тоа што на плоштадот Македонија во Скопје има десетина споменици поврзани со бугарската историја, а нема плочна со појаснување како што има на споменикот Воин на коњ. „Нема милост за Георги (Гоце) Делчев и Дамјан (Даме) Груев, кои во костуми се качени на коњи кои никогаш не ги јавале. Во Скопје ја имаат, ретко кој знае зошто, и Триумфалната капија, која всушност е споменик на иредентизмот, бидејќи преку неа денешната република се поистоветува со целата географска територија на Македонија…“, пишува Димитров.
Според него, во Скопје упорно тврдат дека Бугарија им ја тресна вратата на ЕУ. „Но, тамошните политичари всушност самите го кријат европскиот клуч од своите граѓани, и од самите себе. Заробени во нивните идеолошки фрустрации, тие изгледа не разбираат колку е брзо времето во кое живееме и како тие самите ја оддалечуваат посакуваната европска иднина од незадоволителната сегашност. Политички стимулираните разлики во оценките за минатото не треба да станат аргумент за напуштање на неизбежниот сериозен и одговорен билатерален дијалог. Со вистински докази во Скопје за постоење на политичка волја за излез од орбитата на постјугословенизмот и антибугарскиот национализам, може да вратата на ЕУ да биде отклучена. Но, за тоа да биде така, уште еден гест од бугарска страна ќе биде оправдан само со недвосмислени и меѓународно санкционирани гаранции.