Без никаква дилема, наставата со физичко присуство е најдобрата и најефективна форма во која треба да се реализира воспитно – образовниот процес на учениците, вели Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.
Онлајн наставата во изминатиот период не даде задоволителни резултати во Македонија. Изминатите неколку години воглавно поради пандемијата и други разни причини, како што е новата Концепција за основно образование се направија бројни промени во образованието на штета на учениците и наставниците. Поради тоа доста беше експериментирање со нашите деца.
Ако Владата има пари за нови автомобили во време на криза, за скапи прослави на рамковни договори, скапи, безпотребни патувања и за слични нелогичности тогаш мора да има пари и за непречено работење на училиштата, со затоплување и се’ друго што е неопходно. Во спротивно, трошокот за струјата, оди на семејствата. При онлајн настава родителите ќе плаќаат за вклучени компјутери, таблети, греалки во детските соби…
Поради тоа и предлагам на Владата:
- Да ги покачи блок дотациите на општините.
- Училиштара од индустриска струја да ги префрли на тарифа како за домаќунствата.
- Да одреди, според временските прилики, неколку дополнителни пократки распусти, со обврзно продолжување на училишната година во месец јуни.
- Да не прави никакви интервенции во наставните програми (скратување).
- Секаде каде што е можно да воведе настава во една смена или да го повлече почетокот на втората смена порано.
- Како антикризна мерка да ги спречи коалициските партнери, кои ја држат централната власт и дел од локалните самоуправи, да копаат криптовалути во училиштата и другите институции и установи. Така трошоците ќе бидат помали, а струјата ќе се реалоцира за тоа што навистина треба.
Ја потсетувам Владата дека оваа година заради високите цени на струјата, парното и другите видови огрев, одреден број на семејства нема да можат да си дозволат целодневно греење. Поради огромната инфлација, тие нема да можат да си дозволат ни таблети, лаптопи, фотокопии, а некои деца може да останат и без оброк.
Ја потсетувам Владата дека е нејзина и само нејзина обврска да обезбеди непречено образование на учениците.
Ако не е способна тоа да го стори, нека си оди, има кој може.