Решението на прашањето меѓу двете земји е во политичарите. На историчарите не треба да им се остава да бидат предводници во политиката, затоа што политиката е одговорност на владите, изјави во ексклузивното интервју за МИА бугарскиот премиер Стефан Јанев.
Јанев вели дека е потребно двете влади да седнат и прагматично да разговараат што може да се направи, за да се постигне решение.
-Историчарите се луѓе на науката. Според мене, луѓето од науката треба да се занимаваат само со наука, да си ги докажуваат тезите, и се разбира, врз база на факти и докази со неопходната сериозност и одговорност. Но ним не треба да им се остава да бидат предводници во однос на политиката, затоа што политиката е одговорност на владите. Политиката е одговорност на извршната власт, којашто одговара на потребите на граѓаните. Потребите на граѓаните се дефинираат преку гласање на соодветните избори, односно решението на ова прашање е во политичкиот живот и во владите на двете држави, вели Јанев.
Според Јанев исполнувањето на Договорот за добрососедство се одвива бавно, додека заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања не постигнала ништо во нејзиното работење.
-Да, кажавме дека таа Комисија треба нешто да постигне, но очигледно е дека таа ништо не заврши. Тоа беше јасно уште првата, втората година. Треба да чекаме уште пет години таа комисија да постигне нешто? Според мене, тоа не е реално, оценува Јанев.
Бугарскиот премиер нагласи дека тоа е и неговиот апел, односно прашањето да се реши со разговор меѓу две влади.
-Затоа мојот апел, се радувам што господинот Заев ќе биде наш гостин утре, е точно тоа. Владите да седнат и прагматично да разговараат што може да се направи, затоа што, како што веќе кажав, при сета добронамерност којашто беше изразена при потпишувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година, очигледно е дека неговото исполнување не се одвива. Еве веќе сме четврта година откако е потпишан, и ние немаме никаков напредок, вели бугарскиот премиер Јанев за МИА.