Снег, сонце, чиста белина, убавина мир… наспроти дождови, влажен снег, кал, вирови, магла, студенило, смог, подмрзнати улици, мунус 20 степени…Тоа се двете лица на зимата. Најчесто го живееме она второто, и тогаш многу од сопствениците на кученца се соочуваат со проблеми и непријатности при прошетките.  Ајде некако да си олесниме, со неколку совети, се надевам, ќе помогнам.

Кучињата чувани во двор и тоа како треба да добијат зголемен оброк, соодветен на возраста, според советот на вашиот ветеринар, поради дополнителната потрошувачка на енергија потребна за загревање на телото.

Студ – прво и основно кога ќе помислиме на зимата е студот и тоа дали на нашето милениче  му студи при прошетките. Во мода се секакви облеки за миленици и забележувам дека сопствениците сакаат да следат некоја мода и да ги дотеруваат своите миленичиња, особено оние малите, за во рака. Но дали секоја раса има потреба од тоа?

Соодветно на расата и од начинот на живот, односно условите во кои живее, варира потребата од дополнително облекување на кучето. Малите раси со кратко влакно, чувани дома на 25 степени, секако мораат да имаат уште еден слој за заштита при излегување надвор. Оние со поголемо крзно можеби и не мора толку да ги разнежнувате.

profimedia

Зависно од здравствената состојба на кучето и возраста, добро би било да се обидете да оставите нивниот природен заштитен слој да дојде до израз и да си ја врши својата функција. Многу грумери и не ги препорачуваат толку облеките заради туткање на влакното. Уште една работа овде е важна- кога не е некој голем екстрем во разликата на температурата дома и надвор, на пример, дома е плус 25 степени, а надвор е минус 10, тогаш речиси ниту едно куче нема потреба од облекување. Особено ако живеете во зграда каде влезот претставува некоја преодна зона за прилагодување на разликата во температурата.

Доколку кучето живее во двор, мора да се обезбеди добро изолирана куќарка, поставена на место заштитено од ветрови, каде ќе може да е засолни од лошите временски услови.

Чевлички за кучиња би користеле само при екстремни мразови или доколку сте забележале промена на перничињата на миленикот. Перничиња се нарекуват долните меки делови од шепата на миленикот на кои гази. Тие се прилично нежни на допир иако се постојано изложени на триење од секаква површина. Нив треба да ги негувате во екстремни температурни услови на времето и на подлогата.

Постојат и специјални масти за заштита на оштетените или раздразнети перничиња, на пример, од хемикалии или одлеан антифриз по улиците.

pixabay

Храна. Кучињата чувани во двор и тоа како треба да добијат зголемен оброк, соодветен на возраста, според советот на вашиот ветеринар, поради дополнителната потрошувачка на енергија потребна за загревање на телото.

Кучињата во стан обично немаат ваква потреба.

Обидете се и покрај студеното време да не ги скратувате прошетките премногу, бидејки движење на кучињата им е потребно и во зима.

Значи прошетки, соодветна заштита и нега и многу топлина и љубов е сè она што ви треба во овие студени денови. Ве поздравувам!