Во врска со најавената иницијатива за референдум од страна на политичката партија Левица, меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски, во Тема на денот, на тв Сител, рече оти се надева дека ќе оди на слична линија како што беше иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум.

– Не сме во никаква координација со Левица или со која било иницијатива на граѓани. Колку што се нашите информации референдумот ќе биде директно за Договорот за добрососедство, односно начинот како да се стави вон сила. Овој Договор и дава алатка на Бугарија во секој момент независно од вашите успеси да ви каже „стоп“ и да рече ние за Гоце Делчев не сме се договориле, вие запирате со преговорите, изјави Андоновски.

Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со процесот на активна блокада на Парламентот и оти ќе ги поддржат сите иницијативи со цел да се спречи овој процес.

– Ќе ги поддржуваме сите иницијативи за да го спречиме овој процес со цел да имаме предвремени избори на кои ВМРО-ДПМНЕ со огромна предност ќе оди пред СДСМ, ќе ја формира следната влада и нема да дозволи ваквов тип на договори да бидат потпишани во иднина, а штетните последици од овој договор ќе ги поништиме, нагласи Андоновски.

Андоновски во врска со отфрлената иницијатива за референдум на ВМРО-ДПМНЕ рече дека собранискиот спикер Талат Џафери требаше само од формален аспект да каже дали е уредна и да ја префрли во комсииите.

– Се работи за собраниски насилник кој во свои раце се обидува да ги земе правото и правдата и излегува многу далеку од своите надлежности. За ова ќе има повеќе различни последици, потенцира Антоновски.