Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се обрати на панелот посветен на вештачка интелигенција и иновации во рамки на министерскиот состанок за земјите од Западен Балкан, организиран од Европската комисија и еврокомесарката Екатерина Захариева.

Во своето обраќање, Андоновски порача дека Македонија го трансформира пристапот кон иновациите, од фрагментиран систем во интегриран, ефективен и европски усогласен модел. Тој го претстави INOVA, националниот механизам за иновации и претприемништво, кој обединува три министерства – за дигитална трансформација, економија и образование – во една унифицирана структура што овозможува реални резултати на терен.

„Иновацијата веќе не е само технолошко прашање – таа е економско, општествено и стратешко прашање. Со INOVA, обезбедуваме кохерентност, интеграција и инклузивност на сите нивоа,“ изјави Андоновски.

Како дел од новата инфраструктура, беше истакнат и INNOFEIT EDIH – првиот Европски центар за дигитални иновации во Македонија, кој преку Програмата Дигитална Европа обезбедува поддршка за мали и средни претпријатија во форма на пристап до капацитети за вештачка интелигенција, дигитални близнаци, менторство и обука.

Посебен акцент беше ставен на новата Национална фабрика за вештачка интелигенција – ВЕЗИЛКА, финансирана преку програмите Horizon Europe и EuroHPC, која ја поврзува Македонија со европската AI мрежа, вклучувајќи пристап до суперкомпјутери, заеднички податочни простори и обуки за клучни сектори.

„Како што рече претседателката фон дер Лајен – ‘иднината на вештачката интелигенција треба да се создаде во Европа’. Од Скопје, би додал – ‘понекогаш таа иднина треба да се создаде токму тука, дома – но со Европа како наш партнер и со европските вредности како наш водич’,“ заклучи Андоновски.

Настанот собра министри и високи претставници од земјите од Западен Балкан и ЕУ, кои дискутираа за регионалната и европската соработка во полето на дигиталната трансформација, иновациите и примената на вештачката интелигенција.

Текстот Андоновски на министерскиот состанок на ЕУ: Македонија ја гради иднината на вештачката интелигенција дома, со Европа како партнер е превземен од МАКФАКС.