Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска учествуваше на 20. годишната конференција по повод 25 години МАСИТ. Андоновски во своето oбраќање на една од дискусиите истакна дека дигитализацијата не е само технолошки процес, туку системска промена која го подобрува начинот на кој институциите работат и комуницираат со граѓаните и бизнисите.

„Веруваме во силата на домашните ИКТ компании. Затоа им даваме простор да бидат носители на проекти, пристап до инфраструктура преку Везилка AI и можности за иновации и развој преку ЕДИХ INNOFEIT. Нашата цел е едноставна: технологија создадена во Македонија да стане технологија што ја користи регионот и Европа“, изјави министерот.

Во изјава за медиумите, Андоновски ја истакна важноста на приватниот сектор и појасни дека соработката меѓу Владата и компаниите ја гради дигиталната трансформација на државата.

„Ја испратив пораката дека потребно е заедно да соработуваме, Владата уште во минатото одлучила да се потпре на приватниот сектор во дигитализацијата и дигиталната трансформација на општеството, а сега треба заедно да градиме проекти кои ќе значат реализација во државата, но и на извоз на овие продукти во Европа. Мислам дека имаме одлични кадри кои излегуваат од универзитети, сега е шансата тие да ги искористиме во приватниот сектор, а да и помогнат и на државата’’, соопшти Андоновски.

Текстот Андоновски на МАСИТ: Владата е партнер на приватниот сектор, да ја изградиме најмодерната дигитална администрација во регионот е превземен од МАКФАКС.