Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во гостување на македонско радио, говореше за Дигиталниот самит кој ќе се одржи во Скопје на 1 и 2 октомври, во Музејот на современа уметност, на кој ќе бидат присутни над 800 учесници од државата, но и од другите земји од регионот и од Европа.

Андоновски истакна дека оваа година самитот е малку реорганизиран, со тоа што ако порано бил само за функционери и членови на владите, сега и граѓаните, бизнис секторот, универзитетите, ќе може да присуствуваат и да ги слушаат говорниците кои се поканети на самитот.

Како главни теми на самитот ќе бидат сајбер-безбедноста и дигиталните услуги, но на самитот ќе се говори и за вештачката интелигенција, најави Андоновски.

„Главен интерес ќе ставиме на сајбер-безбедноста, 3 панели ќе бидат посветени на неа, затоа што имаше голем интерес и од учесниците и од панелистите. Потоа, дигиталните услуги, ќе ја преставиме како што ветив македонската мобилна супер апликација, секако ќе разговараме за дигитален паричник, дигитален идентитет, интероперабилност, нови услуги, поврзување на институциите, иновации, вештачка интелигенција и итн’’, рече министерот за дигитална трансформација.

Во однос на промоција на настанот, Андоновски напомена дека сите панели и свеченото отворање, како и обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски и неговото обраќање ќе бидат дигитално пренесувани на социјалните мрежи.

„Сите заинтересирани кои нема да можат да бидат во можност да присуствуваат на настанот, ќе можат истото да го следат на социјалните медиуми, мислам дека ќе биде одличен настан’’, заклучи Андоновски.

Текстот Андоновски: Дигиталниот самит ја става Македонија на мапата на дигитално развиени држави е превземен од МАКФАКС.