Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се обрати на сесијата „Дигитализација на енергетските системи – Забрзување на дејствијата преку координација и иновации“ во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој, што се одржува во Скопје.
Во своето обраќање, министерот ја истакна потребата од заедничко делување и координирани напори во процесот на дигитална и енергетска трансформација.
„Сите ние постигнуваме повеќе кога работиме заедно. Нашите разлики се важни, но нашата заедничка човечност е уште поважна,“ цитираше министерот Андоновски, нагласувајќи дека дигитализацијата може да ја забрза заедничката мисија за одржлива енергетска иднина.
Андоновски порача дека дигитализацијата е новата енергија на управувањето, создавајќи ефикасност, транспарентност и отпорност во сите сектори, особено во енергетиката.
„Дигитализацијата е мостот што ги поврзува растечката енергетска побарувачка и потребата од декарбонизација. Таа овозможува секој ват, секој киловат-час и секоја политичка одлука да бидат попаметни, почисти и поинклузивни,“ изјави министерот.
Тој потенцираше дека дигитализацијата не е само технички процес, туку нов начин на размислување и управување – поврзување на податоците, институциите и граѓаните во корист на одржливи политики и зелена енергија.
Министерот Андоновски го презентираше напредокот што Македонија го постигна во дигиталната трансформација преку три клучни системи:
Националната платформа за интероперабилност, што поврзува 74 институции и овозможува над 2 милиони безбедни трансакции месечно – зголемување од 160% во однос на минатата година;
Националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk, преку кој граѓаните добиваат јавни услуги онлајн;
Електронскиот систем за управување со документи (eDMS), кој го замени хартиеното работење во над 80 институции.
„Овие системи не се само административни алатки; тие се темелот на ефикасното управување, интегритетот на податоците и транспарентноста,“ нагласи министерот.
Андоновски информираше дека Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Министерството за енергетка, рударство и минерални суровини, веќе имаат дигитализирано повеќе од 20 јавни услуги за граѓаните и бизнисите, како и воведување на интегрирани системи за документи и финансиско планирање.
Министерот ја претстави и новата генерација дигитални иницијативи во енергетиката:
Националниот центар за вештачка интелигенција – „Везилка“, кој развива АИ модели за предиктивно одржување на енергетската инфраструктура и предвидување на побарувачката;
Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT, кој ги поврзува академијата и приватниот сектор и обезбедува пристап до лаборатории и обуки за вештачка интелигенција, сајбер-безбедност и автоматизација.
Овие иницијативи се дел од стратегијата SMART/MK 2030, визија за дигитална, зелена и човеково-центрирана трансформација, целосно усогласена со европската Дигитална декада.
Андоновски истакна дека дигиталната трансформација на енергетските системи бара регионална координација и заеднички пристап.
„Предизвиците се премногу комплексни за која било држава да ги решава сама. Затоа регионалната соработка е нашиот множител на успех,“ изјави тој.
Во заклучок, министерот повика на премин „од цели кон акција“ и изградба на одржливи дигитални екосистеми: „Ако успееме, нема само да ја декарбонизираме енергетската мрежа – ќе ја хуманизираме транзицијата, правејќи ја поефикасна, потранспарентна и поправедна.“























