„Поразителни резултати, 30% од тестираните во текот на изминатото деноноќие се заразени со КОВИД 19, дури 30 мртви поради корона за 24 часа, полицискиот час на Филипче не дава резултати, потребни се протоколи и систем кој ќе функционира“, истакна на вонредна прес конференција Марија Андоновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа вели дека власта задоцнила со сите мерки, а полицискиот час како таков не дава резултати, ниту пак ќе даде.
„Потребен е систем и протоколи кои ќе се применуваат и власт која ќе знае да ги спроведе. Сега имаме протоколи кои не се почитуваат, институциите се полни, нема систем. Граѓаните се тие кои ја плаќаат цената. Владата и Филипче немаат план и тоа е загрижувачки и алармантно. Вакцинацијата која до сега требаше да биде во напредна фаза не е ниту почната за оние кои што сакаат да бидат вакцинирани. Филипче најавуваше вакцинација во февруари, сега сме крај на март, а вакцини нема. И сето ова ни се случува додека во регионот и светот масовно се вакцинира“, додава Андоновска.