Со почитување на препораките минатиот месец во споредба со истиот месец лани, државните институции успеале да заштедат 24 проценти од електричната енергија. Владата заштедила вкупно 32 отсто на електрична енергија, информираше на денешната прес-конференција Виктор Андонов, соработник на Владата за енергетика.

– Во месец септември, во споредба со истиот месец лани имавме 20 проценти заштедена електрична енергија, а веќе во октомври констатираме дека имаме пораст и тој изнесува 24 отсто во споредба со минатата година, информираше Андонов.

Апелираше дека во текот на овој месец и периодот што следува сите треба да сме максимално одговорни поради пониските температури и како што посочи „да бидеме уште повнимателни во користење на електрична енергија“, со цел да продолжи трендот на намалување на потрошувачката на енергија.

– Секоја заштеда, колку и да е минимална е важна и затоа апелирам сите заедно да заштедиме денес, за да имаме утре. Важни се за стабилен енергетски систем и да ја намалиме оптовареноста, особено сега во зима, додаде владиниот советник за енергетика.

Во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција Андонов поврзано со вчерашната изјава на министерот за економија, Крешник Бектеши дека ако во моментов се стави во функција ТЕЦ „Неготино“ ќе биде поскапо да се произведува електрична енергија, отколку да се набавува од увоз, Андонов посочи дека еден од главните фактори што влијае на цената на производство на ТЕЦ „Неготино“ е цената на мазутот.

– Имајќи предвид дека увозот започна пред три недели тоа може и да се провери и да се види дека во тој период цената на берзите се движеше од 150 до 200 евра за мегават час и токму и таа беше цената, што АД ЕСМ ја набави. Тоа беше период што се искористи за сервисни активности на генераторот и согласно најавите, овие сервисни активности ќе завршат за еден месец и се очекува во почетокот на месец декември оваа електрана да биде ставена на мрежа, појасни тој.

Во однос на резервите, како што информираше, тие се на ниво на 20.000 тони или во овој момент ТЕЦ „Неготино“ има резерви да работи непрекинато со целиот свој капацитет за околу 20 дена. А дополнително секојдневно се доставуваат соодветни количини мазут, согласно потпишаните договори.

За реализација на проектот „Вардарска долина“ владиниот советник за енергетика Андонов посочи дека за овој проект се говори повеќе од 30 години.

– Имајќи предвид дека АД ЕСМ е задолжена за производство на електрична енергија во исто време е задолжена и за развој на нови капацитети во рамки на нивните секојдневни активности. Овој проект е ставен во нивните планови и во изминатиот период се изработуваат дополнителни анализи за можностите на кои локации можат да е изградат проточни мали хидроелектрани, соопшти Андонов и додаде дека поради тоа што студиите се стари повеќе од 50 години направено е обновување на податоците бидејќи сменети се географските услови.

За браната Кнежево истакна дека е дел од проектот Злетовица, како фаза 1 и во рамки на самиот проект финансиран од Владата на Јапонија останато е да се реализираат фазите 2 и 3.

– Имајќи предвид дека не постоеја технички документи за изградба на овие две фази, би сакал да информирам дека во изминатите две-три години завршени се сите технички документи потребни за изградба и тоа со грант и помош од ЕБОР, појасни тој.

Додаде дека ЕБОР веќе има покажано интерес дека сака да обезбеди средства за овој проект и започнувајќи од 2023 ќе бидат преземени конкретни чекори за конечно овој проект да биде реализиран како што бил предвиден.