Голем број македонски работнички се уште не си ги знаат своите права на работното место. Но, истражувањата на Здружението на бизнис жени покажува дека и дел од оние кои си ги знаат, доколку им се прекрши работничкото право одлучуваат да премолчат, поради страв да не ја изгубат работата. Елена Блажевска, проект координатор вели дека изминатиот период имале серија  работилници во градовите низ земјава, меѓу кои и во градот на текстилот Штип.

-Според студијата работничките права најмногу се кршат во приватниот сектор. Се уште имаме ранливи области, какошто се текстилната индустрија и слично, каде што во последните години гледаме дека ситуацијата малку се подобрила, но сепак постојат кршења на основни човекови права, вели Блажевска од Здружение на бизнис жени.

Анализата на ова Здружение покажува дека најчесто се прекршуваат работничките права во делот на неискористување на годишниот одмор, како и во делот на договорите. Наместо минимум дваесет денови, голем дел од работниците во приватниот сектор користат само две недели, вклучувајќи ги овде саботите, но и празниците. Прашана што треба да се направи за да се подобри ситуацијата во приватниот сектор, Блажевска вели дека жените мора да се информираат.

-Прво треба да се зголеми информираноста кај жените работнички, бидејќи стварно имаме жени кои не ги знаат своите права. Овде се работи за права и обврски на работникот и работодавачот. Често се среќаваме со почитување само на правата на работодавачот, но не и на правата на работникот, рече  Блажевска.

Според анализите на здружението, постои голема нерамнотежа на пазарот на трудот на релација маж – жена.  Половина од работоспособните жени не одат на работа, а како единствена причина за тоа ја навеле грижата за семејството.