Штетите кои ги предизвикаа протестите и хаосот во сообраќајот со автобускиот превоз можат да се мерат во милиони евра, особено за компаниите и граѓаните.
Најпогодени се бизнисите, со оглед дека трпат штети по две основи. Од една страна не можат да функционираат нормално низ градот Скопје, од друга страна нивните вработени доцнат на работа, се нервозни и помалку продуктивни.
Последиците од секојдневните протести кои се наметнаа по спорот меѓу приватните превозници и градоначалничката на градот Скопје Данела Арсовска ќе бидат катастрофални доколку продолжи ваквото опасно и тензично темпо во сообраќајот во Скопје и нема да бидат само економски, велат познавачите и додаваат дека сето ова се одразува и на продуктивноста на вработените, но и учениците и студентите кои ни криви ни должни се блокирани во своето движење.
CENTAR.MK дознава дека доколку продолжат протестите некои поголеми фирми кои можат да си го дозволат тоа, ќе се вратат на работење од дома, додека не се среди хаосот во главниот град.
Гласаа за модерно Скопје, добија блокирано Скопје
Скопјани кои лани на избори изгласаа модерно Скопје и ја поддржаа коалицијата на ВМРО ДПМНЕ се каат за тоа што го посеале, а сега го жнеат.
Покрај хаосот со градскиот превоз, со месеци се раскопани повеќе важни улици кои го сопреа крвотокот во централнот градско подрачје, а со тоа се создава и дополнителен притисок врз сообраќајот, дури и без блокада од Карпош 4 до Центар доколку тргнете во 7 и 30 ќе ви треба половина час.
Сето ова се случува поради лошото менаџирање со градот, велат познавачите на состојбите, додавајќи дека раководството на градот не само што не помага, туку и им одмага на скопјани.
– Не сакаа да го превземат парното греење, го блокираа проектот БРТ за кој се одобрени пари и за кој секој месец се плаќа камата, ја прекинаа изградбата на Универзална сала, го раскопаа Скопје…. велат разочараните граѓани.
Нови целосни локални избори во Град Скопје единствено разумно решение
Речиси е сигурно дека скопјани се каат за тоа што го сториле на ланските избори. Најмногу ги боли оние што не излегле, а ништо помалку не се среќни ни оние кои застанаа во вториот круг преливајќи илјадници прогресивни гласови за Арсовска, само за инает на Петре Шилегов.
Анкети, според извори на Centar.mk, покажуваат дека опозицијата ќе биде прегазена на евентуални локални избори во Град Скопје, па дури и во општините како Карпош, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров, иако на сите овие места победила на минатите избори.
Единствено разумно решение во моментов се нови локални избори во Град Скопје, каде би се избирал и нов градоначалник и нов совет, со што конечно би се деблокирал градот и полека би се поправале штетите кои може да се поправат од едногодишниот хаос.