Не беше така одамна, но многумина се сеќаваат на времињата кога во Македонија цела деценија беа замрзнати платите на работниците, примањата во администрацијата или пензиите. Жолтите ленти на малите дуќани низ Македонија беа чест декор, а газдите беа казнувани со казни од 5 до 10.000 евра. Тогаш минималната плата беше осум илјади денари, а пензиите мизерни од по стотина евра. Да не зборуваме за тоа дека слободната мисла, говор или протест беше само обична мисловна именка за граѓаните и медиумите, во спротивно играше стапот. Стотици илјади граѓани се иселија за да можат да бидат слободни.
Овие времиња многу лесно може да се вратат и тоа е веќе видливо, особено по локалните избори во 2021-та… и е во најава. Стратегијата е спремна, се чека само нивната шанса за реализација.
Единствената пречка на процесите кон назадување е процесот за зачленување на Македонија во ЕУ, што значи напредување и отворање на поглавјата за преговори.
Бенефитите од ЕУ ги гледаме секојдневно. Особено тоа го гледаат земјоделците кои добиваат најмодерна опрема за беспари со која сега го обработуваат земјиштето. И тоа може да го снема, за жал, доколку како држава се свртиме во погрешен правец.
Лага е дека уставните измени задираат во Македонскиот идентитет
Секој граѓанин кој трезвено размислува доколку ги прочита Уставните измени, каде се додаваат уште неколку народи во преамбулата ќе знае дека во суштина оваа отстапка кон Бугарија воопшто не задира ниту во идентитетот, ниту во суверинитетот, туку прави дистинкција и разлика меѓу Македонците и Бугарите, како два посебни народи, два тотално различни народи. Што на крај можеби и значи дека не е никаква отстапка.
Да се потсетиме за лагите за време на пописот кога намерно со кампања илјадници Македонци не се попишаа како Македонци и сега 7-8 отсто фигурираат како Останати, како други. Тие останати, други се луѓето кои глумеа патриоти, а со тоа го намалија и процентот на Македонците кои реално живеат во Македонија и одбиваа да се попишат. Намерно или не, луѓето кои се правеа најголеми патриоти излегоа како луѓето кои најмногу ја изиграа Македонската нација, затоа што сега според пописот има 7 отсто помалку Македонци.
Токму истите луѓе, истата пропаганда денес е против уставните измени кои треба да донесат откочување на процесот на преговори и отворање на поглавјата, што ќе значи повеќе пари за државата од ЕУ со цел како систем да се приспособиме со системот на ЕУ. Тоа значи повеќе пари во земјоделието, образованието, безбедноста и тн…
Меѓународната заедница е тивка, но будно е окото кон оние кои ја минираат европската агенда на Западен Балкан
Меѓународната заедница ја следи ситуацијата во која одредени политички чинители се обидуваат да стават ново вето на Македонија, за прв пат, ветото ќе биде од внатре.
Во вакво клучно време кога Светот е поларизиран и поделен на прозападни и анти-западни сили, а во регион кој полека но сигурно целосно се интегрира кон ЕУ и НАТО, нема да им биде лесно на оние кои го минираат тој процес. Ниту ЕУ, ниту САД немаат таков луксуз да дозволат една група на луѓе да спречи да се реализира желбата на над 80% граѓани на Македонија за членство во ЕУ, ниту пак такви изолирани групи на луѓе да го спречат регионалниот тренд на зачленување на западен Балкан кон европското семејство.
Превземено од Центар.мк