Порталот „Пари“ направи пресметка како би изгледале сметките за јануари месец со најавените нови цени за струја и секако покачувањето на ДДВ од 5 на 10 отсто. Погледнете ја анализата на порталот „Пари“.
Дури 99,2 проценти од домаќинствата, според потрошувачката на електрична енергија влегуваат во првата и во втората тарифа, покажуваат податоците што ги презентираше Регулаторната комисија за енергетика. Како што знаеме, од 1 јануари во овие два блока има намалување на цената на струјата. Крајната цена за потрошен коловат-час (со вклучен пренос и дистрибуција) во првиот блок се намали за 4,11 проценти, а во вториот за 2,95 проценти. Но, истовремено, штом сказалките поминаа полноќ, со што се премина во 2023 година, и данокот на додадена вредност за електричната енергија се зголеми од 5 на 10 проценти. Според законската регулатива, ваква ставка ќе имаме до 1 јули, кога ќе почне да се применува регуларната стапка од 18 проценти.
Според власта, барем во првото полугодие од годинава, со намалување на цената на електричната енергија, треба речиси целосно да се компензира зголемувањето на ДДВ. Сепак, порталот „Пари“ направи пресметка – колку е тоа малку повеќе што мора да се издвои за да се платат сметките за струја.
Пресметката ја направивме врз една реална фактура. Станува збор за потрошена струја за потребите и за затоплување со две инвертор клими за едно тричлено смејство во стан од 60 квадратни метри. Мерењата, според фактурата, се однесуваат за период од 17.11.2022 до 22.12.2022 година. Бидејќи станува збор за поголем пресметковен период од 30 дена, има и проширување на износот во блок-тарифи. Така, ЕВН пресметал повеќе киловати во блок-тарифата број 1, која за 30 дена предвидува потрошувачка од 210 киловат-часови. Во конкретниов случај, во првата тарифа се признати 252 киловати. Во втората тарифа се потрошени 31,9 киловат-часови, а во ниската тарифа 212,4 киловат-часови. Цената за струјата, заедно со нејзиниот пренос и дистрибуција, во конкретниов случај е пресметана 3.052 денари без ДДВ, односно со ДДВ од 5 проценти, сметката е 3.204,6 денари.
ФАКТУРА ЗА ПОТРОШЕНА СТРУЈА (од 17.11.2022 до 22.12.2022)
Прва тарифа 252 kwh х 7,72 денари (вкупна цена) | 1.945,44 денари |
Втора тарифа 31,9 kwh х 8,0759 денари (вкупна цена) | 257,62 денари |
Ниска тарифа 212,4 kwh х 3,9935 денари (вкупна цена) | 848,22 денари |
Вкупно | 3.052 денари |
ДДВ (5 %) | 152,6 денари |
ВКУПНО | 3.204,6 денари |
КАКО ЌЕ ИЗГЛЕДА ИСТАВА ПРЕСМЕТКА ВО 2023 ГОДИНА?
Ако ја земеме истава потрошувачка, но ако таа се случи во периодот од 17.1.2023 до 22.2.2023 година, ќе имаме и поинаква цена на киловатите, но и на данокот. Во тој случај, крајната цена на оваа фактура ќе биде 3.264,4 денари, или за 60 денари повеќе отколку што сме платиле во 2022 година.
ФАКТУРА ЗА ПОТРОШЕНА СТРУЈА (од 17.1.2023 до 22.2.2023)
Прва тарифа 252 kwh х 7,41 денари (вкупна цена) | 1.867,32 денари |
Втора тарифа 31,9 kwh х 7,8377 денари (вкупна цена) | 250,02 денари |
Ниска тарифа 212,4 kwh х 4,0035 денари (вкупна цена) | 850,34 денари |
Вкупно | 2.967,7 денари |
ДДВ (10 %) | 296,7 денари |
ВКУПНО | 3.264,4 денари |
КАКВИ ПРОМЕНИ ИМА ОД 1 ЈАНУАРИ ЗА ДОМАЌИНСТВАТА?
Промени во цени:
ТАРИФИ | ПОТРОШЕНА КОЛИЧИНА (ВО KWH ЗА 30 ДЕНА) | ПРОМЕНА НА ЦЕНА ВО ОДНОС НА 2022 ГОДИНА |
Прва тарифа | 0 ‒ 210 | минус 4,11 % |
Втора тарифа | 211‒ 630 | минус 2,95 % |
Трета тарифа | 631 – 1.050 | плус 0,85 % |
Четрта тарифа | над 1.050 | плус 7,65 % |
Ниска тарифа | нема тарифирање | плус 0,01 денар |
И во 2023 година продолжува да важи ниската, односно евтината тарифа. Во таа тарифа се вбројува потрошувачката на електрична енергија секој работен ден и сабота од 22:00 до 07:00 часот наутро, а во недела евтината тарифа трае во текот на целиот ден, сѐ до понеделник во 07:00 часот наутро.
Промени во данок:
ПЕРИОД | ДДВ |
До 31.12.2022 година | 5 % |
Од 1.1.2023 до 30.06.2023 година | 10 % |
Од 1.7.2023 година | 18 % |