Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев во гостување во емисијата „Само Интервју“ на Канал 5 изјави дека ќе ја тужи ИРЛ за 1 евро оштета само да се дознае вистината. Како што е познато Истражувачката репортерка лабораторија во нивната прва емисија од серијалот „Редакција“ пред неколку дена објави дека неколку компании, но и јавни институции користеле увезено токсично масло како мазут и го користеле за греење поради тоа имало висока и смртоносна загадување.

Ниту јас, ниту „Брако“, ниту другите фирми во кои имам удел никогаш не увезле мазут или нафта, ниту некогаш сум договарал увоз на овие горива. Она мало количество мазут што досега го користеше „Брако“ во погонот за поцинкување, 0,5% од вкупната потрошувачка во земјава, е набавено на домашниот пазар, од лиценцирани фирми, производ што веќе ги поминал сите контроли за квалитет од соодветните институции, рече вечерва претседателот на „Брако“, г. Кочо Анѓушев во интервју во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.

Тој уште еднаш ги демантира наводите од првата епизода од документарниот серијал „Редакција“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) дека на каков било начин е поврзан со случајот со токсично масло кое во земјава се увезувало како мазут и нагласи дека лично не ги познава сопствениците ниту претставниците на босанската фирма „Хифа оил“ преку која, како што беше објавено, маслото по потекло од „Унипетрол“ од Чешка, во земјава го увезувала „Евротим“ од Кичево.

– Средбата со претставникот на босанската фирма „Хифа оил“ се случи во попладневните часови, а не навечер во мрачна атмосфера. Присутни беа претставници на мојот кабинет, кои може да кажат за што се разговарало. Средбата е заведена во архивите на Владата и траеше 30 минути. Изудин Ахметовиќ од „Хифа оил“ на таа средба дојде како претставник на коморското здружение „Бизнис центар“ Тешањ – Јелавиќ од БиХ. На средбата е дискутирано исклучиво за поканата кон македонската влада за учество на саем и бизнис-форум и во ниту еден момент на таа средба не е спомнат мазут или која било друга тема. Илија Стрезовски од „Евротим“ беше претставен како негов соработник од Македонија. Никогаш претходно и никогаш потоа не сум се сретнал со тие луѓе – рече Анѓушев, приложувајќи копии од владини документи кои даваат увид за она што се дискутирало на средбата, од која постои и видеозапис.