Веста за разводот на Анџелина Џоли и Бред Пит кои важеа за еден од омилените холивудски парови, ги подели нивните обожаватели ширум светот.
Иако Џоли поднесе барање за развод уште во 2016 година, нивниот развод никако да дојде до разрешница. Џоли и Пит водат битка за старателството над нивните шест деца, но се чини дека работите постојано дополнително се комплицираат.
Странските медиуми пишуваат дека сега, холивудската актерка планира да достави докази до судот со сериозни обвинувања против холивудскиот заводник.
Анџелина Џоли се решила за драстичен потег кој може да биде одлучувачки за бракоразводната парница, но и за битката околу старателството што ја води со Бред Пит веќе неколку години. Имено, актерката ќе упати сериозни обвинувања кон нејзиниот поранешен сопруг, обвинувајќи го за семејно насилство.
Уште во времето кога поднесе барање за развод, Џоли зборуваше за случаи на семејно насилство, но тогаш не беа покренати дополнителни судски постапки, а според странските медиуми, сега сè би можело да се промени.
Имено, во документите кои ги предала на судот на 12 март се тврдело дека 45-годишната актерка и нејзините деца се подготвени да сведочат против 57-годишниот Бред Пит и да изнесат многу докази.
„Ако Анџелина навистина има докуменација која ќе докаже дека се случило семејно насилство врз неа или нејзините деца, таа може да ја достави како дополнителен доказ на судењето“, изјави за „Us Weekly“ Еви П. Џинг, експерт за семејно право.
Извор близок до Бред Пит пак, откри дека сето е обид уште еднаш да го повреди.
„Во последните четири и пол години се појавија безброј тврдења и обвинувања кои се проверени и неиздржани. Анџелина ги користи децата за да го повредува Бред и ова е само продолжение на сето тоа. Протекувањето документи од нејзиниот четврти или петти тим на адвокати е само начин да го повреди својот поранешен сопруг“, вели изворот.