Со презентацијата на директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, Јасмина Ѓоргиевска Павловска ја заокруживме едукативната кампања за подигнување на свесноста за опасностите од употреба на пиротехнички средства, што се реализира под мотото „Создавај спомени без повреди – кажи НЕ за пиротехнички средства“, истакна министерот за здравство Аѕир Алиу.

Денес уште еднаш сакаме да укажеме на опасноста од нивно недозволено користење. Затоа уште еднаш упатуваме апел до граѓаните да не се користат пиротехнички средства за преостанатиот дел празниците, кои може да доведат до сериозни последици по здравјето и до траен инвалидитет. Петардите не се играчка, нивното користење е забрането, можат да предизвикаат сериозни повреди на очите, на дланките, изгореници и тешки повреди на телото како резултат на недозволено користење пиротехнички средства“.

Во рамките на кампањата, како што информираше, беше воспоставена поширока меѓуинституционална соработка и координација, во која активно се вклучија доктори од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, матични лекари, студенти по медицина и специјализанти, како и претставници од Министерството за внатрешни работи.

Кажа дека преку заеднички план на активности и усогласени едукативни пораки, во текот на декември, минатата година, биле одржани предавања во 137 основни и средни училишта во 27 градови низ државата, со кои биле опфатени 14 илјади ученици.

„И покрај вложените институционални напори и обемот на едукативните активности, пораката мора да се повторува, затоа што последиците од недозволената употреба на пиротехнички средства и понатаму се реални. Лекарите посочуваат дека за време на новогодишната ноќ кај седум лица (двајца возрасни и пет деца) било интервенирано заради посериозни повреди на врвовите на прстите, извршена била ампутација на дел од прсти, со рани и изгореници на дланките. Од нив, три деца биле примени во Ургентниот центар, двајца возрасни на Клиниката за пластична хирургија и две деца на Клиниката за детска хирургија. Овие седум интервенции се потсетник дека за секоја повреда следуваат процес на лекување и трајни последици.

Фактот дека меѓу повредените има деца, кај дел од нив била потребна ампутација, доволно зборува за тежината на последиците врз здравјето. Затоа, упатувам посебен апел и до родителите да не дозволуваат пиротехника во рацете на нивните деца и празниците да ги завршат со насмевки, а не во хируршки сали.

Текстот Ампутации, рани, изгореници, кај седум лица било интервенирано на новогодишната ноќ; Алиу со апел, петардите не се играчка, нивното користење е забрането е превземен од МАКФАКС.