Потенцијалот за економска соработка помеѓу Азербејџан и Северна Македонија сè уште не е искористен, иако имаме многу можности, поради што треба да имаме почести контакти, не само помеѓу властите туку и помеѓу бизнис заедниците, преку различни бизнис форуми, делегации од соодветните министерства. Потребен е редовен канал на комуникација во однос на стопанските и трговските можности, вели во екслузивното интервју за МИА Елчин Амирбајов, специјален пратеник на претседателот на Азербејџан, кој престојуваше во дводневна посета на земјава.
Како една од главните причини за ниската трговска размена меѓу Себерна Македонија и Азербејџан, Амирбајов го посочува недостигот на знаење за економските можности во двете држави и смета дека би требало да имаме редовен канал на комуникација во однос на стопанските и трговските можности.
Во однос на можноста Северна Македонија да се снабдува со природен гас од Азербејџан, Амирбајов вели дека ова не е прашање за Азербејџан и дека проблемот е во недостиг на потребниот преносен капацитет или дистрибутивна мрежа, односно недостасува самата инфраструктура, дистрибутивната мрежа, која не само што би овозможила да добиеме азербејџански гас, но и да го доставиме до домовите, нешто што е обично обврска на земјата која увезува гас.
За 28 години дипломатски односи меѓу двете земји, потребата од подобро запознавање, можностите за економска соработка, достапноста и националните капацитети за користење на природниот гас од Азербејџан, како и потенцијалот на француската иницијатива Економската политичка заедница и можностите за одржлив договор за мир со Ерменија до крајот на годината, може да прочитате во интервјуто кое следи во целост, заедно со видео материјал.
Г-дин Елчин, вие сте специјален претставник на претседателската администрација, која е целта на вашата посета?
– Има две цели, прво, тоа се билатералните односи со македонските власти, зашто, како што знаете, за две години ќе ја прославиме триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатски односи и ова е добро време да видиме што сме постигнале и што уште може да направиме. Втората причина е да ги информираме македонските колеги за моменталната ситуација во однос на безбедноста на регионот што јас го претставувам, Јужен Кавказ, поконкретно околу тековниот мировен процес помеѓу Азербејџан и Ерменија, со оглед на тоа што Северна Македонија оваа година претседава со ОБСЕ, каде што Азербејџан е држава членка.
Како што спомнавте, на 28-ми месецов ќе прославиме 28 години од дипломатски односи. Според вас, какви се нашите односи во моментот и како може да се подобрат?
– Кога станува збор за политичкиот дијалог, имаме многу добри односи. Лидерите и министрите се среќаваат редовно, посебно министрите за надворешни работи кои неодамна се сретнаа неколкупати. Вашиот министер за надворешни работи го посети Азербејџан во април годинава, вистина е дека неговата посета беше во рамки на улогата на претседавач на ОБСЕ, но сепак имаше шанса да поразговара со азербејџанските колеги за билатерални прашања. Ние веруваме дека потенцијалот за економска соработка помеѓу двете држави сè уште не е искористен. Имаме добар потенцијал, имаме многу можности и поради тоа веруваме дека треба да имаме почести контакти, не само помеѓу властите туку и помеѓу бизнис заедниците, преку различни бизнис форуми, делегации од соодветните министерства би можеле да бидат интересни. За жал, сè уште немаме меѓувладина економска комисија, механизам кој обично редовно ги проценува билатералните економски и трговски односи и затоа трговската размена е прилично скромна, речиси непостоечка. И затоа мислам дека треба повеќе да се фокусираме на ова поле.
Според Државниот завод за статистика, трговската размена со Азербејџан минатата година била нешто повисока од половина милион евра кога станува збор за извоз и 150 000 евра увоз. Според вас, кои се можните полиња за подобри економски активности помеѓу двете држави?
-Азербејџан е традиционално позната како држава извозник на енергенси. Ние сме еден од главните стратешки партнери на Европската Унија кога станува збор за енергетската сигурност на ЕУ. Знаеме дека Северна Македонија е земја кандидат, мислам дека минатата година ги започнавте преговорите и многу држави од Југоисточна Европа се во контакт со Азербејџан во моментот за да се договорат за снабдување со природен гас, но енергенсите се само едно поле и мислам дека треба да видиме кои се главните добра што двете држави можат да ги понудат една на друга. Мислам дека би требало да имаме редовен канал на комуникација во однос на стопанските и трговските можности. Затоа мислам дека ни претстои многу работа. Азербејџан неодамна акредитираше нов амбасадор во Северна Македонија, нашиот амбасадор во Србија сега е и амбасадор во Скопје. За жал, сè уште немаме акредитиран претставник од Северна Македонија во Азербејџан, но мислам дека контактите што ги имавме неодамна може да создадат можности да се пополнат овие празнини и мислам дека една од главните причини за ниската трговска размена е недостигот на на знаење за економските можности во двете држави и се надевам дека многу брзо ситуацијата ќе се промени.
Дали има некој локален или регионален проект што би можел да се спроведе?
– Како што кажав, Азербејџан успешно заврши огромен проект во 2020, Јужниот гасен коридор, кој всушност пренесува природен гас од Азербејџан, од нашиот дел од Каспиското Море, низ шест држави, до Италија и други држави. Наскоро бројот на држави кои добиваат природен гас од Азербејџан ќе достигне десет. Мислам дека и Северна Македонија пројави интерес да увезува природен гас од Азербејџан, но покрај ова мислам дека Азербејџан би можел да биде привлечен пазар за македонски производи и обратно.
Кога сме кај темата за азербејџански гас, Азербејџан е земја на огнот, тоа е вашето мото, но за жал, азербејџанскиот гас низ гасоводите ТАП и ТАНАП е достапен во соседството, но не и во Северна Македонија. Како што спомнавме, во 2018 или 2019 имаше некои најави дека ние би се обиделе да се приклучиме кон интерконекторот во Александрополис во соседна Грција, но кога ќе имаме азербејџански гас?
– Мислам дека ова не е прашање за Азербејџан, затоа што ние сме снабдувач на гас и би биле среќни да доставиме природен гас во Северна Македонија, но проблемот е во недостиг на потребниот преносен капацитет или дистрибутивна мрежа, всушност недостига самата инфраструктура. Ваков беше случајот и со вашиот сосед, Албанија. Изградбата на дистрибутивна мрежа, која не само што би ви овозможила да го добиете нашиот гас, но и да го доставите до домовите, е обично обврска на земјата која увезува гас. Ова би можело да биде тема на разговор помеѓу Северна Македонија и Европската Унија, бидејќи ЕУ навистина го поддржува Јужниот гасен коридор. Што се однесува до нас, ние сме подготвени да ја додадеме Северна Македонија на листата со земји кои увезуваат гас.
Ние сега најскапо плаќаме за гас во целиот регион, па хипотетички, кога би имале гас од Азербејџан како тоа би влијаело врз цените?
– Вообичаено, колку повеќе извори на гас имате, толку е нашата цена поконкурентна и пониска за потрошувачите, што е едно од правилата на пазарот. Доколку имате дополнителни извори на гас тогаш тоа позитивно ќе ви влијае на цените.
Г-дине Елчин, имате служено како Постојан претставник на Азербејџан во ОН, нашите земји истовремено се дел од Европска политичка заедница, која минатиот месец имаше втор самит во Кишињев, Молдавија. Според вас, кој е потенцијалот на оваа иницијатива?
– Всушност, како што знаете, ЕПЗ беше неодамна иницирана од Франција и оттогаш имавме само два самита. Како и секоја нова иницијатива, сметам дека треба време да „легне“ и луѓето да ја разберат компаративната предност што оваа платформа може да им ја понуди на земјите членки во споредба со сите преостанати организации и платформи што веќе постојат. Но, од лична гледна точка, тоа е добра средба на лидери на повеќе од 45 земји. Строго неформалниот карактер на дискусијата и размените додава поголема вредност на квалитетот на дискусиите. Сепак, на некој начин, ова е добра можност лидерите што почесто да имаат средби, и како што разбрав, состаноци ќе се одржуваат два пати годишно на кои ќе се разгледуваат актуелните проблеми во меѓународните односи. Иако сè уште не гледаме никакви конкретни резултати, овој собир може да го користат државите за да дискутираат по одредени прашања, дури и во помали групи, што исто така претставува одлична можност.
Се интензивираат напорите за постигнување мировен договор помеѓу Азербејџан и Ерменија за Нагорно-Карабах. Од Ерменија имаше најава дека постои можност до крајот на оваа година да се изнајдат одржливи решенија за проблемот. Според Вас, постои ли можност за тоа?
– Пред да одговорам на ова прашање, треба да се разбере дека вистински можности и шанси за мир првично се појавија на крајот на Втората војна во Карабах, кога во период од 44 дена Азербејџан успеа да ги ослободи териториите кои речиси 30 години беа под нелегална ерменска окупација. По воспоставувањето историска правда и територијален интегритет, Азербејџан и предложи на Ерменија пост-конфликтна мировна агенда. Затоа, го предложивме нацрт-мировниот договор, кој може да ни помогне да ставиме крај на непријателствата и да се обидеме да ги нормализираме односите. Овој договор се заснова на реципрочно почитување на меѓусебниот територијален интегритет, суверенитет и неповредливост на меѓународно признаените граници, како и отфрлање на какви било територијални претензии едни кон други, сега и во иднина. Така што, веруваме дека ако Ерменија се докаже преку вистински дела и не само со зборови, дека се подготвени за мир и дека се откажуваат од територијалните претензии кон Азербејџан и доколку можеме да го видиме истото применето, тогаш би имале големи шанси за мир. Но, тешко ми е да ви дадам временски рокови бидејќи понекогаш кога тие не се почитувани, тоа доведува до фрустрации. Сепак, мора да видиме колку е искрена ерменската страна, бидејќи од една страна премиерот на Ерменија зборува за територијален интегритет на Азербејџан, а од друга страна пак 10 000 редовни ерменски вооружени сили се поставени на суверената територија на Карабах, Азербејџан. Претходно го споменавте Нагорно-Карабах, тоа се викаше така затоа што беше креација на Сталин. Нагорно на руски значи „планински“ бидејќи на историската територија на провинцијата Карабах во Азербејџан имало два дела, низински и планински. Денес имаме нова територијална административна поделба на нашата територија и како што можете да видите на мапата сега постои единствен економски регион Карабах што ги соединува планинските и низинските делови на Карабах. И кога ќе ни бидат вратени стотиците илјадници внатрешно раселени лица со азербејџанско потекло, кои беа подложени на етничко чистење од страна на Ерменија, овој регион ќе стане мултиетнички. Се надеваме дека ќе имаме регион со население од неколку стотици илјади, а се надеваме дека и Ерменците ќе учествуваат во тоа. Тоа е она што всушност им го предлагаме на локалните Ерменци, да дискутираат и преговараат со централните власти во Азербејџан за условите на нивната реинтеграција во општествената, економската, хуманитарната и политичката рамка на азербејџанската држава, согласно нашиот Устав. Но, да се вратиме на мировниот договор помеѓу Азербејџан и Ерменија, бидејќи ова е внатрешен проблем помеѓу двете земји и разговорите со локалните ерменски граѓани и мировните преговори се интензивираа во последно време. Од почетокот на мај имавме неколку дискусии на ниво на министри за надворешни работи и лидери и се надеваме дека ќе се продолжи со разговори. Мировен договор е на дофат, но како што велат, за танго се потребни двајца. Така што очекуваме Ерменија одговорно да си ги почитува ветувањата и да ги примени преземените обврски, вклучувајќи и повлекување на вооружените сили од суверената територија на Азербејџан. Не може да зборуваме за мир и истовремено да има нелегално вооружено присуство на нашата територија, што претставува директна закана за безбедноста, стабилноста и каква било перспектива за мир. Сакаме да го решиме овој проблем и да се фокусираме на преговори за мир во што подобро опкружување.
Војната во 2020 година заврши со потпишување на договор за прекин на огнот, со посредство на Русија. Со оглед на војната во Украина, сега има промена и во Брисел треба да се одржи состанок следниот месец. Дали ќе се разговара и за други прашања, како што се граѓански права, кои би биле дел од договорот?
– Ова е многу сложено прашање што изискува појаснување и каде не треба да ги мешаме работите. Кога зборуваме за преговорите помеѓу Ерменија и Азербејџан, тие се одржуваат на различни места и имаат различни олеснувачи. Русија е еден од нив бидејќи е една од страните-потписнички на договорот за прекин на огнот. Тие редовно организираат состаноци, од кои последниот се одржа неодамна во мај, кога Москва беше домаќин на министрите за надворешни работи и лидерите на земјите. Потоа, тука е Брисел, односно трилатерален процес под покровителство на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со претседателот на Азербејџан Илхам Алиев и премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан. Тука се и САД и нивните напори за внесување повеќе енергија во процесот и Американците беа тие кои го обновија процесот на преговори по долга пауза како резултат на опструкциите од страна на Ерменија, која сакаше да ги избегне преговорите со Азербејџан. Сепак, на крај сфатија дека нема друг начин да се постигне одржлив мир освен преку разговор со Азербејџан. Така, не е важно името на градот каде ги држиме разговорите, бидејќи на крајот од денот, ова се билатерални преговори помеѓу Ерменија и Азербејџан за да се договори текст на мировниот договор. Овој текст ги наведува сите главни начела врз кои ќе се засноваат односите помеѓу двете земји и исто така ќе ни овозможи да ги отвориме блокираните транспортните врски, ќе ни овозможи да ја обележиме границата, нешто што не е направено досега. Ова се трите главни кластери преку кои преговараме со Ерменија. Што се однесува до правата на националните малцинства, односно ерменското малцинство во Азербејџан кое моментално живее во регионот Карабах, но не треба да заборавиме и на азербејџанското етничко малцинство во Ерменија. Пред почетокот на конфликтот Ерменија згрижи 250 000 етнички Азербејџанци, но за жал овие луѓе потоа беа подложени на етничко чистење и беа избркани од оваа територија. Денес, кога зборуваме за долгорочен мир и права на малцинствата, ние исто така го отвораме прашањето на правата на стотици илјади Азербејџанци кои имаат право да се вратат во својата историска татковина. Разговараме за правата на Ерменците во регионот Карабах и ова претставува дијалог помеѓу централните власти на Азербејџан и локалните Ерменци, односно Ерменија не е дел од овој процес. Овде мислам дека Азербејџан е подготвен да разговара со своите граѓани од ерменско етничко потекло, но очекуваме од нив да бидат конструктивни и очекуваме да разберат дека се работи за обезбедување на можности за уживање на сите нивни социјални, економски и други права, но во рамките на државата Азербејџан, бидејќи тоа треба да се направи согласно Уставот на Азербејџан.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија и актуелен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, ја спомена можноста за мировни преговори помеѓу двете земји во Охрид. Дали има конкретен предлог или покана во врска со ова?
-Се уште не сум слушнал за предлог од Северна Македонија да биде домаќин на преговори помеѓу Ерменија и Азербејџан. Она што го слушнав беше предлог од вашиот министер за надворешни работи да организира состанок каде трите држави од Јужниот Кавказ – Ерменија, Азербејџан и Грузија – би учествувале, а идејата е да се размисли околу начините за искористување на можностите за регионална соработка и нормализација на односите меѓу земјите, бидејќи по завршувањето на Втората војна во Карабах, Азербејџан исто така објави предлог-рамка за регионална соработка наречена 3+3, односно трите земји од Јужниот Кавказ и трите најблиски соседи – Турција, Русија и Иран. Овој предлог беше позитивно прифатен од страна на земјите од регионот, но другото прашање е како Јужниот Кавказ конечно да прерасне во единствен политички регион, имајќи во предвид дека моментално е само географски регион. Причината зошто сè уште не прерасна во политички регион е ерменската окупација на азербејџански територии. Сега кога тоа е завршено, мислам дека имаме добра можност да ги истражиме можностите за посилна економска и друга регионална соработка меѓу трите држави. Сметам дека се работи за тоа, но повторно ќе кажам, не ги знам сите детали.
Александар Атанасов
Фото: Фросина Насковиќ
Видео: Срѓан Крстиќ и Андреј Бранковиќ