Негодувањата за прифаќањето на францускиот предлог се поради зголемени емоции во моментов. Но, на долг рок, мислам дека сите граѓани на Северна Македонија, ќе го ценат членството во ЕУ и во НАТО, што е природна траекторија каде се движи земјата во моментов. Не може да се прецизира што е следно и колку би траеле преговорите, вели Ричард Кремер, добар познавач на случувањата на Западниот Балкан од организацијата Алијанса САД – Европа во Вашингтон во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.

Тој го поздрави политичкиот чекор напред дека по 17 години од добивањето на кандидатски статус, Северна Македонија ги почна пристапните преговори и и изрази задоволство што ѝ Албанија е во пакет со Северна Македонија.

Што е следно? Тоа е прашање од 64.000 долари, како што велиме. Ова требаше да се случи многу порано, уште во ноември 2019-та. Северна Македонија и Албанија одамна имаат стремеж кон ЕУ и двете земји се ориентирани кон западните демократии, а не кон авторитарните режими, вели Кремер.

Тој не гледа проблеми да се организира каков било референдум за важно прашање, но потенцира дека Северна Македонија има демократски избрана Влада во чија платформа е нагласен почетокот на преговори со ЕУ.

Имаше компромиси. Бугарија мораше да направи отстапки, Северна Македонија, исто така. Така се постигнува напредок. Не се сите среќни секогаш при компромис, но тоа е суштината на преговорите. Негодувањата за прифаќањето на францускиот предлог се поради зголемени емоции во моментов. Но, на долг рок, мислам дека сите граѓани на Северна Македонија, ќе го ценат членството во ЕУ и во НАТО, што е природна траекторија каде се движи земјата во моментов, додава Кремер.

Според него, остварливи се проекциите на некои аналитичари, до 2030-та,  Северна Македонија и Албанија да станат дел од европското семејство.

Остварливо е. Има генерализирање дека постои загриженост за нивото на корупција во Албанија. Но, албанскиот премиер Еди Рама покажа дека иако не може да се сузбие целосно, но има напредок на тоа поле. Истото се случува и во Северна Македонија. Владеење на правото, одговорна и транспарентна влада, организирање фер и слободни избори би биле посакувани компоненти од една демократска земја. Тоа би било инспиративно за другите аспиранти кон ЕУ во регионот, додава Кремер.

Американскиот аналитичар предупредува и дека регионот е ранлив на ширењето на руската пропаганда само доколку граѓаните веруваат во разните дезинформации, непроверени и сомнителни извори на информирање.

Тоа што гледаме во Бугарија, Босна и насекаде на Западниот Балкан, ваквите руски дезинформации и лажни вести не поминуваат меѓу жителите на Балканот, со исклучок на Србија, каде владее постојана јавна поддршка за Русија и покрај бруталната и неиспровоцирана војна против украинскиот народ, оцени Кремер.

Се додека САД продолжуваат да им помагаат на земјите од Западниот Балкан да станат консолидирани демократии на слободниот и отворен пазар, тоа, вели, ќе помогне полесно да се интегрираат во ЕУ.

Индиректна корист, наместо директно наметнување, би требало да биде ангажманот на САД од која било администрација во Вашингтон кон Балканот, додава Кремер.