По Германија, денеска и американската aмбасада во Скопје издаде безбедносно предупредување до граѓаните на САД кои планираат да патуваат или престојуваат во земјава да внимаваат поради потенцијално зголемување на криминалот за време на празниците, но и во врска со дојавите за поставени бомби во училиштата и други објекти, како и на места каде што има голема фрекфенција на луѓе.
Од Амбасадата ги потсетуваат граѓаните на САД да внимаваат додека се движат во празничните маркети, трговските центри и другите јавни места каде се собираат голем број луѓе поради потенцијално зголемување на џебните кражби и другите ситни криминални активности.
„Исто така, има пораст на пријавени закани за бомби повеќе пати неделно низ Скопје и регионот, на станици за јавен превоз, аеродроми, хотели, трговски центри, спортски центри и училишта. Локалните органи за спроведување на законот ја истражуваа секоја закана и досега сите закани за бомби беа лажни. Ако се најдете на локација што добила закана за бомба, следете ги упатствата на локалниот безбедносен персонал и полицијата на лице место“, се наведува во соопштението објавено на официјалната интернет-страница на Амбасадата на САД во Скопје.