Американската конгресменката Клаудија Тени вели дека размислува да формира коалиција на Капитол Хил што би работела на можни санкции против Бугарија, бидејќи не го трга ветото за почеток на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија.
Во интервју за „Гласот на Америка“, таа рече дека се покажало оти официјалното писмо што група конгресмени го испратија до бугарскиот амбасадор во Вашингтон, Тихомир Стојчев не функционирало, како и дека целта на ваквата коалиција со членови од Претставничкиот дом и Сенатот, би била да ја поттикнат Бугарија на дијалог.
– Ако би можеле да најдеме накаков вид санкции што би биле ефективни за да ги доведеме на маса, или нешто што би поттикнало решение на овој конфликт и безобразно однесување, кое би можело да доведе до агресија и до проблеми во иднина во овој регион, истакна Тени.
Таа изрази загриженост што овие разговори се во сенка на она што се случува во Украина и оти не се толку сериозни како што би можеле да бидат.
– Бугарското прашање сè уште виси. И очигледно треба да ги притискаме да се вклучат во дијалог, во разговор и да ги минимизираме нивните обиди за дестабилизација на ситуацијата за која треба да најдеме решение. Ова има негативно влијание врз остатокот на Западен Балкан, вели Тени.
На прашањето да ја искоментира посетата на бугарската делегација предводена од Кирил Петков на отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, таа рече оти е разочарана што гледа како Бугарија продолжува да постапува и време е за поагресивна акција на САД во однос на дипломатски притисок врз нив и да ги доведеме на маса.
– За жал, мислам дека нема да го добиеме тоа од администрацијата на Бајден. Тие не изгледаат толку заинтересирани за овој регион во светот, кој мислам дека е еден од најкритично важните региони во светот. Отсекогаш бил порта меѓу Истокот и Западот. И секогаш е многу, многу важно ние како земја да ги поддржуваме сојузниците на НАТО во овој регион. Како што знаете, не се сите сојузници на НАТО, и не се сите во ЕУ. Значи, имаме многу историја и години на борба во овој регион, оцени Тени.
На прашањето на „Гласот на Америка“ дали се променил пристапот на САД кон Западен Балкан по руската инвазија на Украина и дали гледа потреба од итна интеграција на регионот во ЕУ поради безбедносни ризици, таа истакна дека многу од земјите се потпираат на поддршката на САД како клучен сојузник.
– Мислам дека многу од овие земји се ранливи. И тие се ослонуваат на поддршката од САД како клучен сојузник. Она што го покажува украинската стратегија и украинската ситуација со Русија е колку е важно САД да продолжат да имаат уште посилен ангажман во земјите од Западен Балкан, затоа што не сакаме да видиме какво било слично ужасно сценарио на Западен Балкан како што гледаме во Украина, кажа конгресменката Тени.