Одделот за јавно здравје во Калифорнија бара да се повлечат вакцините на „Модерна“ против коронавирус од пазарот поради, како што наведуваат, големиот број несакани ефекти.

-Вакцините на „Модерна“ од серијата „041L20A“ предизвикуваат „повеќе несакани ефекти од вообичаеното“ и затоа треба да се отстранат од употреба додека не завршат сите тестови, се наведува во образложението.

-Серија од вкупно 330.000 дози беа дадени на 287 добавувачи ширум Калифорнија и ова е првпат да се забележи алергиска реакција, вели Ерика С. Пан, државен епидемиолог во Калифорнија.

„Модерна“, центрите за контрола и превенција на болести и Американската администрација за храна и лекови на САД во моментов тестираат серија вакцини откако десетина луѓе претрпеа „можна сериозна алергиска реакција“.

Калифорнија е најтешко погодена американска држава со околу три милиони заразени, од кои еден милион во Лос Анџелес и повеќе од 33.000 смртни случаи од Ковид 19, според податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“.