САД ги поддржуваат напорите на владите на Бугарија и на Република Македонија да работат заедно со ЕУ за решавање на билатералните прашања, соопшти Американската амбасада во Софија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, во писмен допис до БНР, Амбасадата наведува дека Администрацијата на САД пред бугарската Влада не го покренала прашањето за македонското малцинство во Бугарија, туку дека разговорите со Софија се фокусирани на заедничката визија за посилна, попросперитетна и обединета Европа преку интеграција на сите нејзини делови, вклучително и на Западниот Балкан.

Амбасадата нагласува и дека интервјуто на заменикот државен секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар за Гласот на Америка довело „до некои погрешни разбирања на американската политика во регионот”.

Гласот на Америка пред два дена јави дека во интервју за медиумот Ескобар меѓу другото изјавил и оти „Амбасадата на САД во Софија работи со бугарската Влада на прашањата за почитување на правата на македонското малцинство во Бугарија”.