Делови од Јемен денеска беа нападнати од воздух, вклучително и главниот град Сана и аеродромот во Худаида, според ТВ Ал Масира, главната телевизија на движењето Хути што го контролира поголемиот дел од Јемен.
Цел на воздушните напади биле и јужниот дел на градот Замар, јавува телевизискиот канал. Телевизијата Ал Масира објави дека американските и британските сили ги извршиле нападите, но извор од британската влада изјави дека Велика Британија не е вклучена.
Американски официјални лица изјавија за Асошиетед прес дека американската војска нападнала голем број цели на Хутите во Јемен. Мета беа системи за оружје, бази и друга опрема што им припаѓа на бунтовниците поддржани од Иран, рече претставникот.
Сè уште не е достапен точниот број на цели бидејќи мисијата сè уште завршува, но медиумите на Хутите сугерираат дека седум напади го погодиле аеродромот во Ходеида, како и областа Катеиба, која е дом на воена база под контрола на Хутите.
Хутите, проиранска милитантна група, почнаа да напаѓаат меѓународни бродови минатиот ноември во знак на солидарност со Палестинците во Газа.
Нападите на Хутите ги поттикнаа американските и британските одмазднички напади, но и ја попречија глобалната трговија, бидејќи сопствениците сега ги пренасочуваат бродовите подалеку од Црвеното Море и Суецкиот канал.
Текстот Американците извршија воздушен напад врз градот Сана и аеродром во Јемен е превземен од МАКФАКС.