Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска објави дека Соединетите Американски Држави (САД) и понудиле на Украина нова верзија на договорот за минералите.

Вчера делегациите на Украина и САД одржаа консултации во главниот град на Саудиска Арабија Ријад, кои украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров ги оцени како продуктивни. Делегациите денеска одржаа втор круг разговори по вчерашната одвоена средба меѓу американската и руската делегација, на која беше договорен прекин на огнот во Црното Море.

Зеленски рече дека неговиот тим го информирал за новиот договор предложен од САД, за кој рече дека претставува „голем, сеопфатен“ договор од американска перспектива.

Зеленски рече дека во моментов нема детали за тоа како САД веруваат дека треба да изгледа големата зделка за минерали, истакнувајќи дека документот ќе биде разработен од двете страни.

Тој додаде дека Врховната Рада, парламентот на Украина, потоа ќе гласа за договорот. Украинскиот претседател додаде дека прашањето за нуклеарните централи на неговата земја не е вклучено во договорот.