САД официјално објавија дека повторно се повлекуваат од УНЕСКО, Организацијата на ОН за образование, наука и култура, критикувајќи ја за промовирање на раздорни прашања и ангажман против Израел, сојузник на САД.

Генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле, веднаш изрази „длабоко жалење“ за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Колку и да беше жална, одлуката беше очекувана и УНЕСКО се подготви за неа“, истакна Азуле во соопштението за медиумите.

Трамп ги повлече САД од организацијата за време на неговиот прв мандат во октомври 2017 година, обвинувајќи ја за лошо финансиско управување и антиизраелски ставови.

Претседателот Џо Бајден ги врати САД во УНЕСКО во јуни 2023 година.

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, рече дека членството на САД во УНЕСКО „не е во национален интерес“.

„УНЕСКО се користи за промовирање на раздорни социјални и културни прашања“ и за одбрана на „идеолошка и глобалистичка агенда за меѓународен развој, спротивно на нашата надворешна политика „Америка на прво место“, објасни таа во соопштението, пренесуваат светските медиуми.

„Одлуката на УНЕСКО да ја прифати Државата Палестина како земја-членка е многу проблематична, спротивна на политиката на САД и придонесе за ширење на непријателски говор кон Израел во рамките на организацијата“, додаде таа.

Одлуката стапува на сила на 31 декември 2026 година, прецизираше таа.

Текстот Америка го напушта УНЕСКО е превземен од МАКФАКС.