Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски преку писмо до првите луѓе на Европската Комисија Европскиот Парламент, побара осуда за анти-бугарските активности на лидерот на опозицијата на РС Македонија Христијан Мицкоски.
„Карикатуралниот претседател на србоманската партија ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, хистерично ја покажува својата фобија, да не би случајно во РС Македонија да се случи бугаризација. Како познат агент на туѓо влијание во РС Македонија не е изненадување неговата најнова анти-бугарска активност. Таа е само уште еден доказ за неговата желба РС Македонија да не успее во преговорите со Брисел. Овие денови тој по коминтерновски повторно лицемерно ја обвини Бугарија за бавењето на преговорите со ЕУ и повика за еднострано повлекување на Скопје од Договорот за добрососедство. Ги презедов неопходните чекори и побарав реакција од страна на европските лидери. Како член на ЕУ Бугарија очекува полна поддршка од страна на своите сојузници. Токму затоа се надевам е ЕК да ги осуди максимално строго анти-бугарските нагласи во РС Македонија“, пишува Џамбаски на својот facebook профил.
Бугарскиот европратеник и втор човек на ВМРО-БНД бара Мицкоски да понесе одговорност за тоа што поттикнува омраза врз база на етничка припадност повикувајќи на бунт и блокади против т.н бугаризација. Според Џамбаски, Мицкоски нема никакви докази за тоа и подвлекува дека негов најголем кошмар е историската вистина.
„Вие г. Мицковски ги имате своите лични стравови, но ние го имаме моралното и законско право да ви побараме одговорност. Со вас како коректор на владејачката гарнитура, Северна Македонија не ја чека ништо добро. А нејзината интеграција ќе биде возможна само во Титова Југославија“, пишува Џамбаски.