Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер денеска по средбата со претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека се уште има непознати детали за инцидентот во селото Бањска и предупреди дека може да се очекуваат и „други слични инциденти“.

Според него, безбедносните институции работат на расветлување на околностите.

– Се уште не можам да зборувам за последиците, поминаа 48 часа од нападот. Некои работи ги знаеме, а некои не. Тоа беше голем напад и инцидент. САД тесно соработуваат со Косово. Знаеме дека тоа беше напад на добро обучена група со воена опрема. Знаеме дека некои од напаѓачите се убиени, а некои избегале. Ова е обучена и организирана група и зад нив стои некој кој ги опремил со тешко вооружување – рече американскиот амбасадор.

Ховениер нагласи за координација на косовската полиција со КФОР и ЕУЛЕКС.

– Има силна координација меѓу косовската полиција, КФОР и ЕУЛЕКС. Ова беше голем напад на Косово со трагични последици. Ние сме со народот на Косово и работиме сторителите да се изведат пред лицето на правдата.зш/