Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која е загрижен поради зголемување на бројот на сајбер насилство и онлајн напади против новинари за време на избори, особено против новинарките.

„Иако рангирањето на слободата на медиумите во Северна Македонија се подобрува, ние сме сведоци на сè поголем број случаи на сајбер-насилство и онлајн-напади особено врз новинарки и особено околу изборите. Родовата еднаквост е од суштинско значење за стабилноста и безбедноста на секоја земја и е многу важно да се стави крај на родово базираното насилство“, вели амбасадорот Која во интервју за МИА.

Тој ветува дека ОБСЕ ќе продолжи да работи со судството и медиумите за отстранување на заканите против новинари со цел да се обезбеди слободен проток на веродостојни информации за граѓаните, кои се многу важни поради присуството на дезинформациите на интернет.

Според него, гледаноста на Македонската радио телевизија е многу мала, што укажува на тоа дека луѓето таму сакаат да видат промени.

„Важно е да се зајакнат капацитетите на јавниот радиодифузен сервис за да се презенираат информации кои се објективни и да се промовира општествена кохезија преку содржини што ги задоволува потребите на сите граѓани”, вели Која.