Филипинската амбасадорка во Бразил е разрешена откако било откриено дека со месеци тепала една од своите куќни помошнички во официјалната резиденција.
Нејзините напади биле снимени и објавени во локалните медиуми.
Амбасадорката Маричо Мауро е отповикана и вратена во Манила кон крајот на минатата година, откако телевизијата „Глобоњуз“ ги емитувала снимките од надзорните камери направени во период од осум месеци, а кои го покажувале односот на амбасадорката кон нејзината помошничка, исто така Филипинка.
Амбасадорката е отпуштена и од Министерството за надворешни работи, објави вчера на телевизија претседателот на Филипините, Родриго Дутерте.
„Постојат правила што мора да се почитуваат. Ако не ги следите, ризикувате. Ако работите тргнат наопаку, нема да ве спасам“, нагласи шефот на државата.
Мауро ќе ги изгуби своите пензиски права и повеќе нема да може да работи во јавни институции.
Снимките направени во периодот меѓу март и октомври 2020 година биле искористени како аргумент во тужбата поднесена од филипинската влада против дипломатката, која за амбасадорка во Бразил била именувана во 2018 година.
Милиони Филипинци работат во странство како куќни помошници.
Дознаките што ги испраќаат до нивните семејства кои и натаму живеат на Филипините претставуваат прилично голем дел од филипинскиот БДП.