Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, денеска одржа работен состанок со амбасадорот на Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, и со амбасадорите на на земјите членки на Европската Унија во Република Северна Македонија.
Темата на состанокот беше имплементацијата на усвоенот оперативен План за борба против корупција. Вицепремиерот Николовски, пред амбасадорите ги презентираше мерките коишто се преземени во првите шест месеци од мандатот, како и планираните мерки од оперативниот План.
Во тој контекст, посочи дека се исполнети препораките во делот на носење на нов поприменлив Кодекс за етичко однесување на именуваните функционери, назначување на лице за интегритет и за судир на интереси, регистар за строга евиденција за примање подароци, подигање на нивото на транспарентноста на советниците на функционерите, зајакнување на меѓуинституционалната комуникација со сите надлежни антикорупциски институции и независни тела.
„Во функција е и новиот Национален регистар на вистински сопственици. Оваа алатка обезбедува точни и ажурни податоци за вистинските сопственици на фирмите, односно точно се знае кој стои зад некоја фирма, што е важно за спречување на одлив на незаконски стекнати пари. Од воведувањето на Регистарот, досега се упишани над 5.000 правни субјекти, бројката се очекува да биде поголема по доставувањето на годишните сметки, за што поради КОВИД пандемијата се продолжи рокот. Го зајакнавме и контролниот механизам, односно инспекциските служби. Во време на глобална пандемија, со законски измени ги зголемивме надлежностите на сите инспекциски служби.“, посочи вицепремиерот Николовски.
На состанокот од страна на ЗПВ Николовски беа детално образложени сите 18 мерки содржани во оперативниот План за борба против корупцијата.
Присутните амбасадори ја поздравија ја поздравија заложбата на Владата и на вицепремиерот Николовски за усвојувањето на Планот за борба против корупција и понудија поддршка во спроведувањето на реформите во согласност со стандардите на ЕУ.