Амбасадорот на Р. Бугарија во Скопје Ангел Ангелов, пред Бугарската национална телевизија коментира дека анти-бугарската кампања во РС Македонија може да биде сузбиена само преку враќање на довербата меѓу двете земји, пренесува Faktor.bg.
Запрашан за инцидентот со запрените книги, наменети за културниот информативен центар, Ангелов вели дека иницијативата „Испрати бугарска книга во Македонија“, е благородна и истата треба да се поддржи.
Во однос на словенечкиот институт ИФИМЕС, Ангелов вели дека таа невладина организација објавила ненаучна статија со навреди кон Бугарија и подвлекува дека основниот проблем е фактот што соработници на овој институт биле советници во првиот владин состав на премиерот Зоран Заев.
Во однос со скандалот со Васил Гарванлиев, Ангелов вели дека за случајот се информирани сите можни институции.
Според него позитивна вест е склучениот договор меѓу Бугарската национална телевизија и Македонската радио телевизија и подвлекува дека токму такви мали чекори ќе помогнат во сузбивањето на злонамерната кампања против Бугарија.