Амбасадата на Кралството Норвешка испрати отворено писмо до македонската јавност и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски кој пред два дена обвини дека македонскиот лекар, хирург, кој заминал во мисија во Авнганистан преку норвешкиот контигент, не змаел основни оперативни зафати. Тие практично го демантираат Стојановски за ова.
Во продолжение целосен текст од отвореното писмо.
Како Кралство Норвешка ние му веруваме на вашиот хируршки тим околу спасувањето животи на наши војници – доколку е потребно.
Егил Далтвајт, аташе за одбрана во амбасадата на Кралството Норвешка, реагираше со отворено писмо до македонската јавност на упорните навреди од страна на ВМРО-ДПМНЕ за нашите хирурзи испратени во Авганистан, а со тоа и на злоупотребата на добрата волја на Норвешка, која учествуваше во нивната обука. Во гест несвојствен за политичари на земји членки на НАТО, пратеникот Бојан Стојановски повторно тврдеше во Парламентот дека главниот хирург испратен од страна на нашата земја во мисијата во Авганистан не бил способен да изведе ни обична хируршка интервенција. Откако барал и не добил извинување од Стојановски, норвешкиот аташе и се обрати директно на јавноста:
-Пред два дена, пратеникот Бојан Стојаноски во Собранието тврдеше дека има информации за содржината на норвешкиот воен извештај. Тој тврди дека во овој извештај норвешките воени експерти оцениле дека македонскиот хируршки тим не може сам да ги извршува своите должности. Тој исто така тврди дека македонскиот главен хирург не знае како да изведе основна хируршка интервенција.
Има многу проблеми околу неговата изјава. Прво, не постои таков извештај, и ако го имаше, можам да ве уверам дека чувствителните воени извештаи во норвешката армија не се достапни на други, освен на оние што треба да знаат. Затоа, си го поставуваме следното прашање: Дали самиот Стојаноски ги сочинувал овие информации или ги прифатил некритички од некој друг што ги сочинувал?
Второ, обвинувањата против членовите на македонскиот хируршки тим не се точни. Ако обвинувањата беа точни, вашиот тим немаше да биде на должност во Кабул во моментов и да биде одговорен за спасување на животите на сојузничките и норвешките војници кога е потребно.
Трето, изнесувањето обвиненија против некој што е во воена зона каде што им служи на неговата земја и на Алијансата од безбедна привилегирана позиција како пратеник во македонскиот парламент, според мое скромно мислење како офицер и одбранбено аташе, е тотално неприфатливо.
Му напишав на Стојаноски и бев во контакт со раководството на неговата партија. Заедно со раководството на партијата го замоливме да понуди јавно извинување. За жал, јавно извинување не дојде. Тој само ми испрати електронска порака во која за содржината на она што го рекол ги обвинува медиумите, како да не е тој самиот одговорен за своите зборови. И, само се извини што можеби ги повредил моите чувства. Моите чувства се на втор план во однос на другото прашање – тој не им се извини јавно на членовите на службата што ги навреди, ниту на Норвешка и на норвешката војска. Затоа, ја издавам оваа изјава за да ги претставам фактите во јавноста.
Како членка на НАТО, Република Северна Македонија доби обврска да допринесе за различни потреби на Алијансата. Ова беше дискутирано од вашиот министер за одбрана и началник на Генералштабот на состанок со претседателот Пендаровски на 11 септември 2020 година. Една од потребите беше теренски хируршки тим и беше разгледано како да се развие оваа способност според високите стандарди на НАТО, при што беше утврден начин за нивен развој во вашите вооружени сили. Подоцна, истиот ден, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и генералот Васко Ѓурчиновски заедно официјално ме прашаа дали Кралството Норвешка е подготвено да обучи македонски хируршки тим и да го интегрира во теренската болница предводена од Норвешка во Кабул, како дел од операцијата „Одлучна поддршка“, Мисија на НАТО Авганистан. Норвешка го прифати ова, а тимот дојде во Норвешка да тренира на 15 јануари и беше распореден во Авганистан во март.
Природно е дека тимот што е регрутиран со цел да се утврдат основите на способноста на теренските хируршки тимови во вооружените сили на Северна Македонија, не беше 100 отсто подготвен на почетокот на обуката. Ниту, пак, за тоа беше подготвен тимот на Норвешка. Обуката беше спроведена од Норвешката заедничка воена медицинска служба, а методологијата и квалитетот на обуката се такви што многу од поголемите земји на НАТО, како што се САД, испратија и ги испраќаат своите тимови во Норвешка да учествуваат во ваков вид обука. Накратко, тие се обучени од некои од водечките експерти за трауматска хирургија во светот. И норвешкиот хируршки тим, со кој ќе бидат распоредени заедно, се медицински професионалци од светска класа. Ние ги предизвикавме вашите мажи и жени исто толку тешко за време на обуката, како и нашите мажи и жени. И, ние му ги дадовме на вашиот тим истите привилегии што ги имаат нашите, вклучувајќи и вакцинација против Ковид-19 за секого.
Во февруари присуството на лажни обвинувања против македонскиот хируршки тим што во моментов тренира во Норвешка на некои македонски веб-портали ни привлече внимание. Во тоа време, јас дадов силна изјава против овие лажни тврдења што лесно може да се најдат на интернет. Или, едноставно, можевте да го повикате аташето за одбрана на амбасадата на Норвешка за да добиете исправни факти.
По обуката, немаше никакви официјални поплаки или извештаи од норвешка страна против кој било од поединците во македонскиот тим, или против тимот како таков. За време на обуката, се разбира, беа идентификувани бројни области за подобрување и на тимовите и на сите поединци. Секако, беше даден многу јасен повратен одговор за областите за подобрување. И видовме дека членовите на вашиот тим многу сериозно ги сфатија повратните информации и работеа напорно за да го постигнат стандардот од светска класа на кој инсистираат обучувачите.
Како заклучок, нема поплаки против македонскиот хируршки тим или некој од неговите членови од Кралството Норвешка. Напротив, командантот на полската болница, потполковник Бент Андерс Салберг, ме увери дека тој и неговиот персонал имаат целосна доверба во секој член на македонскиот тим. Од Кабул тој известува дека ги третира неговите вкупно три хируршки тимови подеднакво, и дека секој трет ден македонскиот тим е примарен тим, а тие веќе извршиле голем број успешни хируршки операции. Другите два дена вашиот македонски тим е во режим на подготвеност.
Норвешка сè уште има добар контингент во Авганистан и многу од нив се специјални сили кои се вградени во авганистанските сили за борба против тероризмот во Кабул. Ниту една друга единица за борба против тероризмот во светот нема толку реални случаи, а нашите војници секојдневно ги ризикуваат своите животи. Како Кралство Норвешка му веруваме на вашиот хируршки тим околу спасувањето животи на наши војници доколку е потребно. И, би сакале да им се заблагодариме на секој од нив за нивната услуга и на Република Северна Македонија што е добар сојузник и го споделува товарот на тешката мисија во Авганистан со нас.
Кралството Норвешка има силно пријателство со Северна Македонија и нејзиниот народ, без оглед на политичката припадност. Нема да дозволиме ваквите , за жалење, изјави да застанат на патот на постојаното проширување нанашата соработка, и на воено поле и во многу други области од заеднички интерес, стои во реакцијата на потполковникот Егил Далтвајт, аташе за одбрана од амбасадата на Кралството Норвешка.