Американската амбасада соработува со МВР и другите институции, но не коментира истраги кои се во тек, е ставот на Амбасадата на САД, на прашање на „360 степени“ за нивната позиција во случајот „Двојник“, за незаконското издавање пасоши со украден идентитет.
„Не коментираме истраги во тек, Амбасадата на САД има тесна соработка со МВР, како и другите владини министерства и институции во Северна Македонија, за да се постигнат заедничките цели на спроведување на законот и владеење на правото, вклучувајќи регионална соработка за спроведување на законот и борбата против тероризмот, велат од амбасадата за „360 степени“.
Како што е познато, министерот Оливер Спасовски на прес конференцијата потенцира дека „Двојник“ е меѓународна акција, на која нашата полиција работела со поддршка од Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при Амбасадата на САД во Скопје, како и Генералниот секретаријат на Интерпол – Лион и Интерпол – Скопје.
Инаку, во полициската акција беа уапсени 9 полициски службеници за скандалот со издавање на патни исправи на познати балкански и европски криминалци. Ден пред полициската акција на брифинг со новинарите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откри документи со кои ја обвини власта за тесна соработка со балканските наркобосови кои добивале македонски патни исправи.