Ние немаме намера да преговараме преку медиуми како некои други партии, реагираат од партијата Алтернатива по информациите за можниот влез на партијата Алијанса за Албанците во владата.

„Имаме принципиелен став – кој има проблем, тој треба да ја поднесе цената за да си го реши проблемот. Најпроблематично во целиот процес е што начинот на кој се водат овие разговори, само го разводнува целиот блок партии кое се за ЕУ интеграции. Каква порака кон оние кои го поддржуваат ЕУ проектот праќа овој начин на преговори? Ако се продолжи на овој начин, останатите партии само ќе се отуѓат од овој блок“, велат од партијата.

Алтернатива забележува дека на тој начин, не само што не се обезбедува потребното двотретинско мнозинство за уставните измени, туку и се урива кредибилитетот на „проевропските партии“.

„Не сакаме да веруваме дека некој сака да го наруши про-европскиот коалициски капацитет. Кој мисли дека лесно може да ги наруши тие принципи, ќе плати висока цена. Ние сме подготвени за сите предизвици“, тврдат од Алтернатива.