Алтернатива ќе ја разгледа можноста за соработка со Движењето Беса. Од партијата на Африм Гаши за Алсат велат дека утре ќе разговараат за конкретизирање на соработката. Според нив, прво ќе соработуваат во Собранието, а потоа и надвор од него.

„Централното претседателство на Алтернатива ќе се сретне и ќе разговара за следните чекори на соработка со Движењето Беса. Првите контакти даваат надеж дека првата соработка ќе биде во рамките на Собранието“, велат од Алтернатива.

Од Беса додаваат дека има комуникација и оти се приближиле позициите за соработка и за претстојните парламентарни избори.

„Ние сме заинтересирани за обединување на опозициската политичка позиција на албанските политички партии и подготвени сме со секој политички субјект, невладино здружение и секој што е заинтересиран државните институции во иднина да не бидат управувани од оваа корумпирана банда, да се направи заеднички фронт што ќе го следи евроатлантскиот дискурс“, велат од Беса.

Инаку, Алтернатива се формираше по судскиот спор со Беса во март 2019 година. По судската одлука, Касами остана претседател на Беса, а Африм Гаши ги ребрендираше своите структури со ново име, Алтернатива. Оваа партија во моментов во Собрание има тројца пратеници, а Беса двајца. Не е исклучена можноста за нивно организирање во заедничка пратеничка група.