Ивон Величковски

Најавеното купување на Стопанска Банка Битола (СББ) од Алта Банката (дел од Алта груп на Давор Мацура) е сериозно прашање за финансискиот, но и безбедносниот сектор на евроатланска Северна Македонија.

Доколку зборувавме за „обична“ српска банка, немаше да има потреба од „аларм“. Впрочем, мнозинството банки во земјава се во мнозинска сопственост на странски држави (Австрија, Бугарија, Грција…)

Но, бидејќи целокупниот подем на сопственикот на Алта Банка, Давор Мацура, од сопственик на менувачница во 2014 до денес, е паралелен со неговата блискост со власта на Александар Вучиќ, влезот на Алта банка (АБ) во СББ е финансиско, политичко, а и безбедносно прашање.

СББ е во сопственост на Орце Камчев, означен на американската црна листа.

Интересот за преземање на СББ од Алта груп е најавен практично уште по одбивањето на понудата од КБ за купување на СББ. Да се потсетиме на најзначајниот услов: исплаќање на акционерите по акција, без право на претворање на исплатената сума во акционерски влог во КБ. Ова (правилно) беше условот од Костов до Камчев: лица на американската „црна листа“ не може да бидат акционери во Комерцијална Банка.

Во услови на дестабилизација на Вучиќевата власт во Белград, очигледно е потребно дел од финансиските текови на Белград да бидат (пре)насочени кон Скопје.

Власт која со амбивалентниот однос кон Русија (и Белорусија) по агресијата врз Украина – вдоми многу (бело)руски тајкуни – и нивен капитал.

Според поуките од 1990-тите, извесно е повторувањето на операциите од периодот на финансиска и енергетска блокада на режимот на Милошевиќ од 1990-тите.

Тогаш Скопје и БЈРМ беа канал за шверц, но и „мост“ до кипарските оф-шори за капиталот направен со шверцот.

Сега Скопје станува “оф-шор” што ризикува кипаризација на РСМ. Или тоа е целта.

За медиумите на српски, илустрација за блискоста на Мацура со СНС е последната одлука белграѓани да ги плаќаат сметките за струја на сметката на српското електростопанство во АБ.

Тие во приватизацијата на “Јубмес” преименувана во АБ, го акцентираат поволниот откуп на државната сопственост во банката кога министер за финансии е Мали, долгогодишна „десна рака“ на Вучиќ.

Но, тоа не е се.

Во Алта група, покрај банката се и компаниите Алта голд, Алта лизинг, мнозинскиот удел во градежната компанија Процоопац, фирмата Алстон (за недвижнини), преку која е целосен сопственик на Форум визија, АБЛ солвент (која работи на финансиските пазари) и преку која ја откупува државната сопственост на земјиштето на банкротираниот ИМТ (каде е очекувано да никне огромен комплекс недвижности).

Алстон е интересна бидејќи преку неа Алта Груп станува сопственик на „Даница парк“ згасната во 2024. „Даница парк“ имено е инвеститор на станбен објект од 1550 квадратни метри на парцелата на сопругите на бизнис-партнерите со косовско потекло – Звонко Веселиновиќ и – Милан Радоичиќ.

Радоичиќ – поранешниот потпретседател на Српската Листа во Косово, кој исто така е санкциониран на американската „црна листа“ и – ја предводеше вооружената група која го спроведе терористичкиот напад во Бањска 2023.

Сега веројатно е појасно зошто Нова Република е единственото политичко движење во Северна Македонија што две години инсистира на дополнувањата на Законот за примена на рестриктивни мерки.

Со тоа решение ќе се замрзне имотот на лицата означени на „црните листи“ на ОН, ЕУ, но и на САД, Канада и Велика Британија, бидејќи сите тие се поврзани меѓусебно и се втемелени на Актот Магницки.

А замрзнатиот имот не може да се продава за криење на трагите на нелегалниот/коруптивниот капитал или истиот да го оплодува.

Тоа ќе ги обезсили нашите тајкуни (прва или втора генерација сеедно) со југо-советски (читај: српско-руски) врски.

И, со тоа, ќе ја спречи тековната операција на враќање на Северна Македонија под контрола на Србија.

Непредлагањето (и) на овие законски измени беше причина да ја прекинеме соработката со партиите кои не се подготвени да опстанат на патот на сојузништвото во НАТО и европската интеграција низ борба со корупцијата.

Во конкретниот случај – нема за што да соработуваме со скопски подружници било на СНС било на СПС.

Влезот на Алте во СББ, со сето горенаведено, претставува многу повеќе од финансиско прашање – тоа е и политичко, а очигледно и безбедносно прашање за Северна Македонија.

И на овие прашања треба да одговорат и гувернерот и премиерот и многу други безбедносни институции во земјава, но и дипломатски претставништва во земјава, особено на земјите-членки на НАТО.

Кога ќе се види целиот сет на премолчување на значајните прашања:

– од медиумската поклопеност во Северна Македонија од медиумите на унгарското масло вмрежени во шемата на портали-преведувачи на Информер и Пинк,

– преку доминацијата на српските државни и приватни канали на кабловските оператори и – унгарско-српскиот влез во северномакедонскиот телекомуникациски простор означен уште со влезот на М-Тел и сега со најавата за влез на 4ИГ…

– се до задоволувањето на МПЦ со „томос за автокефалност од Белград“ наместо Томос за автокефалност од Вселенската Патријаршија…

…станува јасно дека политиката на застој на ЕУ интеграциите на Северна Македонија на Мицкоски и молкот на Филипче по темата на корупцијата како безбедносна закана е заеднички прифатена потчинетост на Скопје кон Белград.

Со тоа овие партиски и државни раководства сe противници на сопствената нација – на нацијата на НАТО-вска и европска Северна Македонија – и на македонскиот народ.