Компанијата „Алкалоид“ се приклучи кон апелот на Владата за стипендирање на Јован Костадинов, херојот од Виница кој спаси 21 живот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Со тоа, „Алкалоид“ се обврза да обезбедува по 18.000 денари месечно, во траење од 4 години.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој во текот на вчерашниот ден се сретна со 19-годишниот Костадинов, рече дека од страна на „Алкалоид“ на момчето ќе му биде доделена стипендија како знак на признание за неговата храброст и човечност.

„’Алкалоид’, како општествено одговорна компанија, ја презеде оваа иницијатива и на тој начин покажа дека ги препознава и вреднува ваквите светли примери. Благодарност до сите што помагаат во овие тешки моменти за државата и народот“, рече Мицкоски.

„Алкалоид“ и вчера донираше 15 милиони денари во Фондот на солидарност на Црвениот Крст наменет за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани.

Компанијата од 16 март наваму, во неколку наврати, симболично им помогна на здравствените установи во Македонија со производи од својот асортиман, во делот на пројавените потреби.